Connect with us

Свет

Истражување: Светските езера се загрозени од ширење на големи инвазивни животни

Светските слатководни езера се сè повеќе загрозени од ширењето на десетици инвазивни видови на големи животни, покажува првата глобална проценка за овој проблем.

Од нилски коњи во Колумбија до кајмани со очила во Кина, истражувачи во Берлин идентификувале вкупно 93 видови слатководна „мегафауна“ кои биле внесени надвор од нивниот природен ареал и сега му нанесуваат штета на кревкиот екосистем на новите живеалишта.

Ова претставува речиси половина – 43 проценти – од вкупно 216 видови опфатени со истражувањето, кое се однесува на нововнесени животни со тежина од 30 килограми или повеќе, соопшти Институтот „Лајбниц“ за екологија на слатководни води и рибарство во внатрешни води (IGB) во студијата објавена во научното списание „One Earth“.

Ваквите внесувања на видови влијаат врз 142 држави и региони на сите континенти, освен Антарктикот, наведува истражувачкиот тим, посочува германската агенција ДПА.

САД имаат најголем број внесени слатководни видови мегафауна – 52, по што следуваат Кина (28), Канада (23), Русија (19) и Белгија (18). Германија е веднаш зад нив со 17 такви инвазивни видови.

За разлика од помалите животни, кои често незабележано се пренесуваат во нови води – на пример закачени за трупови на бродови или пренесени од птици – големите видови најчесто намерно се внесуваат во нови подрачја, често поради претпоставени економски придобивки.

Според студијата, од 59 неавтохтони големи слатководни животни за кои се документирани одредени придобивки, дури 26 имаат и негативни последици – речиси половина. Тоа особено се однесува на големи рибни видови како крап, лососовидни риби и сом.

Истражувачите го наведуваат примерот со нилскиот костур (Lates niloticus) во езерото Викторија во Африка, каде што видот бил внесен во 1960-тите за поддршка на локалната рибарска индустрија.

Наместо тоа, брзото ширење на овие грабливци, кои можат да достигнат тежина до 200 килограми, довело до драматично намалување на популацијата на автохтони риби.

Многу рибари останале без средства за егзистенција, а според истражувачите, во околните заедници се зголемила хроничната неухранетост кај децата и мајките.

Покрај намалената безбедност на храната, студијата наведува и ризици во Европа од агресивни или отровни видови, штети врз имот и инфраструктура и опасности за здравјето на луѓето.

Во Германија и Франција се забележани повреди предизвикани од отровната паунска ража (Potamotrygon motoro), која е увезена од Јужна Америка и е популарна меѓу љубителите на аквариуми.

Лидерот на истражувањето, Фенгџи Хе, изјави дека штетните ефекти од внесувањето на големи слатководни животни – особено врз ранливите или маргинализирани локални заедници – често се сложени и бараат долгорочно набљудување за да се разбере нивниот вистински обем.

Според него, негативните последици врз локалното население во многу региони можеби се потценети во однос на потенцијалните економски придобивки.

Маркетинг
Ad 2
Ad 2