Свет
Иран нападна фабрика за десалинизација на морска вода во Бахреин
Бахреин денеска соопшти дека Иран нападнал постројка за десалинизација на морска вода што се користи за производство на вода за пиење.
Островската нација, која е дом на Петтата флота на американската морнарица, е една од земјите што Иран ги таргетира со дронови и ракети. Хотели, пристаништа и станбени згради се погодени, а најмалку едно лице е убиено.
Нападот врз фабриката за десалинизација се случи откако Иран соопшти дека американски воздушен напад оштетил иранска фабрика за десалинизација на морска вода. Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, изјави дека нападот врз островот Кешм во Ормускиот теснец го прекинал снабдувањето со вода за 30 земји. Тој обвини дека САД со тоа направиле преседан.
Ниту Централната команда на САД ниту израелската војска досега не се огласија за ваквите тврдења.
Фабриките за десалинизација обезбедуваат вода за милиони луѓе во регионот и ги ставаат неколку пустински држави во зголемен ризик.
Последните напади ги зголемија стравувањата дека цивилната инфраструктура би можела да стане легитимна цел во војната што започна со воздушните напади на САД и Израел врз Иран пред девет дена.
Државите од Персискиот Залив, Бахреин, Кувајт и Обединетите Арапски Емирати, денеска објавија дека врз нив се лансирани нов бран ирански ракети, а неколку погодиле цивилна инфраструктура.
Претседателот на Иран Масуд Пезешкијан најави дека Техеран ќе ги прошири нападите врз американски цели низ регионот како одговор на тешките воздушни напади на САД и Израел врз неговата земја.
– Кога сме нападнати, немаме друг избор освен да одговориме. Колку повеќе притисок вршат врз нас, толку посилен ќе биде нашиот одговор. Иран нема лесно да се подложи на малтретирање, угнетување и агресија, рече Пезешкијан во видео обраќање. Пезешкијан рече дека Иран не сака да се бори против земјите во Персискиот Залив и ги обвини САД дека се обидуваат да ги скараат Иран и неговите соседи.
Неговата изјава, со многу поостар и поинаков тон, доаѓа ден откако тој ден изјави дека им се извинува на земјите во регионот што Иран ги нападнал како одговор на американско-израелската агресија и ги повика да не учествуваат во американско-израелските напади врз неговата земја.
март 8, 2026

