Општини
Во Прилеп презентиран проектот „Медицинска сестра во заедницата“, единствен во Македонија
Проектот „Медицинска сестра во заедницата“ кој, за првпат од април лани, се спроведува во Прилепскиот Регион, добро функционира и на околу 200 корисници од Прилеп, Долнени, Кривогаштани, а од неодамна и во Градско, им дава медицински и социјални услуги во домот. Ова беше констатирано при денешната презентација на проектот во Прилеп пред заменик-амбасадорот на Австрија Матијас Хуменбергер и пред аташето Харалд Брезе-Фугер зашто финансиер на проектот е авастриското Министерство за социјална политика, здравствена нега и заштита на потрошувачи, а се спроведува во соработка со австриска невладина организација.

-Проектот одлично се спроведува и е пример на одлична практика на кој начин медицинската сестра оди во домот на корисниците на кои помошта им е навистина потребна. Секако, благодарност до општините, до локалната администрација во Прилеп, Кривогаштани, Долнени и Градско каде се спроведува проектот. Добро е што Австрија финансира голем број социјални проекти, а добро е и што општините финансираат во тие проекти, изјави Харалд Брезе-Фугер, аташе во амбасадата на Австрија во Македонија.
Австрија е е еден од најголемите поддржувачи на Македонија на секој план, вклучително и на европскиот пат.
-Австрија е еден од најголемите поддржувачи на Македонија на социјално, економско, политичко ниво. Токму, на овој начин, преку конкретни проекти Австрија го има водството во партнерството со Македонија, а и во однос на европскиот пат на Македонија, изјави Матијас Хуменбергер, заменик-амбасадор на Австрија во Македонија.
Проектот „Медицинска сестра во заедницата го спроведува прилепскиот Центар за развој и едукација. Интенција е бројот на корисници на медицинско-социјални услуги во домот до есен да стигне преку 700. Ангажирани се 15 медицински сестри, физиотерапевти, социјални работници, едукатори.

– На корисниците им се достапни интегрирани социјални здравствени услуги кои опфаќаат посета на медицинска сестра во домот, бесплатни физиотерапевтски услуги, бесплатна психолошка и поддршка од социјален работник, а добиваат и информативна-советодавна поддршка. Од денес за корисниците во социјален ризик им се достапни и логопедските услуги, рече Марина Тошеска, претседателска на невадината Центар за развој и едукација од Прилеп.
Додаде дека овие социјално-здравствени услуги за првпат се воведоа во Прилепскиот Регион. Овие услуги се потребни и во другите региони и се надеваме дека со поддршка на нашите министерства за социјална политика, за здравство, преку европски фонд, ќе бидат достапни и за сите региони во земјава
март 6, 2026

