Вести
Трајков: Ефективна примена на законите за сигурен пристап до правда за жените
Вистинскиот напредок во примената на законите во рамки на евроинтеграциите се гледа тогаш кога секоја жена има сигурен пристап до правда, кога институциите реагираат навремено и без предрасуди и кога системот обезбедува долгорочна заштита и поддршка.
Тоа го порача денеска заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков на јавната дебата „Унапредување на родовата еднаквост и пристапот до правда: обврски од ЕУ пристапувањето и Истанбулската конвенција“, што се одржа на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје во организација на UN Women, по повод Меѓународниот ден на жената 8 Март.
Настанот се организираше под глобалната тема „Права, правда, акција. За сите жени и девојки“ и претставува платформа за дијалог меѓу институциите, академската заедница, граѓанските организации и младите, со цел поврзување на законските обврски со нивната практична примена и реалното влијание врз животот на жените и девојките. Во рамки на првиот панел „Родова еднаквост и пристап до правда во процесот на пристапување кон ЕУ: правни обврски и институционална практика“ се дискутираше за усогласувањето со европското законодавство, имплементацијата на Истанбулската конвенција и предизвиците во обезбедувањето ефективен пристап до правда.
Трајков нагласи дека доследната примена на Истанбулската конвенција претставува клучен индикатор за институционалната подготвеност на државата во процесот на европска интеграција.
– Конвенцијата не е само меѓународна обврска, туку конкретна рамка за системска превенција, заштита и гонење на насилството врз жените. Нејзината имплементација значи функционални институции, координирани политики и систем што ја става жртвата во центарот на заштитата. Тоа е суштината на владеењето на правото – истакна Трајков.
Таа потенцираше дека европската интеграција не се мери само преку усогласени закони, туку преку нивната ефективна примена и реалните резултати на терен. – Вистинскиот напредок се гледа тогаш кога секоја жена има сигурен пристап до правда, кога институциите реагираат навремено и без предрасуди и кога системот обезбедува долгорочна заштита и поддршка – рече заменик-министерката.
Како што посочи, потребно е женско лидерство – лидерство кое носи перспектива на инклузивност, емпатија и одговорност. – Кога жените учествуваат во процесите на одлучување, политиките стануваат поодговорни и поодржливи. Младите жени денес треба да гледаат систем што ги охрабрува, а не ги ограничува. Треба да гледаат дека нивниот глас е вреден, дека нивната експертиза е потребна и дека нивното лидерство е признаено – порача Трајков.
Настанот има цел да поттикне конструктивна размена на ставови и да придонесе кон зајакнување на институционалните механизми за заштита на женските права и унапредување на женското лидерство во процесите на донесување одлуки.
март 6, 2026

