Connect with us

Забава

Шест месеци затвор за измамник од Њујорк кој сакал преку дупки во законот да го преземе хотелот „Њујоркер“

Њујорчанецот Мики Барето,кој платил за една ноќ во „Њујоркер“, а престојувал во собата со години бесплатно, неодамна се изјаснил за виновен за измама во обидот да го преземе култниот американски хотел, со што завршила долгогодишната тужба, пишува „Вашингтон тајмс“.

Неговата приказна е, според многумина – неверојатна: Благодарение на ретко користениот Закон за закуп во Њујорк, Барето живеел во хотелска соба безмалку бесплатно со години, а за тоа време се обидувал законски – барем „на хартија“, да ја преземе контролата врз целиот имот. Приказната почнува во 2018 година, кога њујорчанецот и неговиот партнер Метју Хенан платиле 200 долари за една ноќ во собата 2.565 од хотелот. Токму таа ноќ станала основа на правната стратегија на Барето.

Имено, „гостинот“ во хотелот потоа тврдеше дека неговиот престој му дава право на заштита според законот којшто му овозможува на граѓанинот да побара шестмесечен закуп на соба во зграда изградена пред 1969 година. Кога хотелот одбил да му издаде договор за закуп, Барето се обратил до Судот.

На клучното рочиште, претставникот на хотелот не се појавил, по што Судот, според Законот, му ја доделил собата „во посед“ на Барето. На овој начин, тој стекнал право да престојува во хотелот без да плаќа наем за собата, а со тоа пак, подоцна се обидел да го преземе и хотелот.

Барето во една прилика изјави дека судијата кој му ја доделил собата – му дозволил да престојува во целиот хотел бидејќи зградата никогаш не била законски поделена.

Обвинителството од Менхетн потоа тврдеше дека Барето отишол и чекор натаму, обидувајќи се да ја измами државата – преку лажен акт за сопственост што го поставил на градскиот интернет-портал, тој во еден миг тврдел дека веќе го поседува целиот хотел.

Вистинскиот сопственик на хотелот „Њујоркер“, сепак, е Кооперативата „Свети дух“ – црква основана во Јужна Кореја од самопрогласениот месија, покојниот Сун Мјунг Мун. Црквата  поднела тужба против „итриот“ њујорчанец кога ги открила неговите маневри. Во тоа време, Барето дури се обидел и да наплати наем од друг гостин во хотелот. Според извештаите на обвинителите, овде неговите постапки отишле подалеку од едноставното правно маневрирање, па влегле во сферата на кривична измама.

Барето конечно е истеран во 2024 година, по што се соочил со неколку обвиненија за кривична измама. За време на судењето, Барето бил прогласен за неспособен да се соочи со судење од страна на Судот и му било наложен психијатриски третман и лекување од зависност, во рамките на проценката на неговата ментална состојба. Како дел од спогодбата, Барето на крајот се изјаснил за виновен за измама.

Според Канцеларијата на окружниот обвинител на Менхетн, осудениот измамник добил шест месеци затвор, коишто веќе ги отслужил, и пет години условна казна. Ова значи дека Барето сега е слободен, но мора да се јавува за судски надзор, за да избегне натамошни правни последици.

Маркетинг
Ad 4
Ad 4