Култура
Операта „Тоска“ вечер во НОБ, Злата Тошевска-Димовска во насловната улога
На сцената на Националната опера и балет вечер од 19.30 часот ќе биде изведена операта во три чина „Тоска“ од Џакомо Пучини, во режија на Огњан Драганов од Бугарија. Диригент е гостинот од Италија, Џанлука Мартиненги, сценографијата е на Зоран Николовски, костимографијата на Марија Пупучевска.
Во насловната улога (Флорија Тоска) ќе настапи Злата Тошевска-Димовска, во улогата на Каварадоси – Миша Шешаберидзе од Грузија, во улогата на Скарпија – Леон Ким од Јужна Кореја.
Во другите улоги ќе настапат: Игор Дурловски, Драган Ампов, Марјан Николовски, Кристијан Антовски, Никола Чедомировски, Десанка Глигоријевиќ, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
НОБ за „Тоска“ наведува дека е брилијантно оркестриран оперски трилер, во кој движечки драмски елементи се љубовта, страста, љубомората и политичките интриги.
-„Tоска“ е опера во три чина од Џакомо Пучини. Напишана е по италијанското либрето од Луиџи Илика и Џузепе Џакоза. Либретото се базира на драмата „Тоска“ од Викториен Сарду. Светската премиера на операта е одржана на 14 јануари 1900 во Рим. Повеќе од еден век подоцна оваа опера останува еден од најизведуваните и највпечатливи наслови на светските сцени – дело во кое интимната човечка драма се издигнува до трагедија со универзална сила и актуелност, соопшти Националната опера и балет.
март 6, 2026

