Connect with us

Регион

Грчки системи „Патриот“ и авиони Ф-16 ќе ја штитат Бугарија по иранските ракетни напади во регионот

Грција ќе обезбеди итна поддршка за противвоздушната одбрана на Бугарија преку распоредување на ракетна батерија „Патриот“ и ловци Ф-16 во пограничниот појас, соопштија денеска грчкиот министер за национална одбрана Никос Дендиас и неговиот бугарски колега Атанас Запрјанов.

Мерките се преземаат на барање на официјална Софија, по проценките на НАТО за потребата од зајакнување на југоисточното крило поради ескалацијата на конфликтот во Блискиот Исток.

Грчкиот министер Дендиас потврди дека одлуката е донесена од страна на грчкиот Владин совет за надворешни работи и одбрана.

– Грција ќе и пружи поддршка на Бугарија со средства за противвоздушна одбрана и персонал, кои ќе бидат распоредени во Северна Грција и ќе покриваат голем дел од бугарската територија – изјави Дендиас, додавајќи дека во наредните часови во пограничната зона ќе биде ставена во функција батерија „Патриот“.

Покрај ракетниот систем, Грција ќе ангажира и два авиони Ф-16 кои ќе имаат исклучива задача да го штитат бугарскиот воздушен простор. За подобра координација со бугарската воена команда, двајца високи грчки офицери ќе бидат испратени во Софија.

Бугарското Министерство за одбрана соопшти дека за време на телефонскиот разговор меѓу двајцата министри била изразена длабока загриженост од развојот на воените дејствија во Блискиот Исток. Запрјанов нагласи дека Бугарија е во постојан контакт со главната команда на НАТО за дополнително засилување на одбраната доколку се појави потреба.

Овој потег доаѓа по инцидентот од 4 март, кога Турција пресретна иранска балистичка ракета која се движела кон нејзиниот воздушен простор. Иако официјална Анкара смета дека целта била воена база на Кипар, инцидентот предизвика итно свикување на Советот за безбедност во Софија.

Дендиас истакна дека оваа поддршка за Бугарија, како сојузник во НАТО и членка на ЕУ, на ниту еден начин нема да ја загрози одбранбената моќ на самата Грција. Тој следната недела ќе престојува во официјална посета на Софија.

Маркетинг
Ad 3
Ad 3