Економија
Димитриеска Кочоска – Славески: МФ и НБРМ остануваат посветени на координација помеѓу фискалната и монетарната политика
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска денеска оствари средба со гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на која беа разменети мислења за спроведувањето на фискалната и монетарната политика и за одржување на стабилноста на финансискиот систем. Средбата е дел од континуираната координација помеѓу фискалната и монетарната власт, соопштија од Министерството за финансии.
Mинистерката се осврнала на законската рамка со којашто се регулира работењето на финансискиот систем, посочувајќи дека е важно одржувањето на неговата стабилност, додека гувернерот, од своја страна, посочил на мерките што ги презема монетарната власт.
Димитриеска-Кочоска и Славески се осврнале и на состојбите на глобално ниво.
-На средбата беше истакната важноста на континуираната координација помеѓу фискалната и монетарната политика, при што беше заеднички констатирано дека состојбата на домашната економија е стабилна, додека институциите продолжуваат внимателно да ги следат надворешните ризици и нивното потенцијално влијание врз макроекономските индикатори, се посочува во соопштението.
март 6, 2026

