Connect with us

Регион

Британските воени бази во Кипар што беа нападнати со беспилотно летало, во фокусот на случувањата – евакуирано селото во непосредна близина

Кусо по 12 часот по локално време, како и доцна синоќа сирените одново беа активирани во околината на Акротири, во југозападниот дел на Кипар, каде што се наоѓаат британските суверени воени бази, а по нападот со беспилотно летало во понеделникот, вниманието на јавноста не само од островот туку и пошироко, е насочено токму кон ова подрачје, додека пак селото што е во непосредна близина, до петок останува евакуирано, јави дописничката на МИА.

Големата воена база на Обединето Кралство на Кипар е на околу 20 километри западно од Лимасол, а и покрај целата ситуација, пристапот е отворен, без големи (видливи) безбедносни мерки, а во изминатите денови беше во фокусот на новинарските екипи, како кипарски и грчки, така и странски што пристигнаа на островот.

Воената база во понеделникот, три минути по полноќ, беше нападната од беспилотно летало што го вклучи алармот на островот и веќе четврти ден Кипар е во состојба на готовност.

Британските бази се во непосредна близина на селото Акротири, а уште во понеделникот, со одлуката на Владата жителите беа евакуирани, одлука што е во сила до петок, а за продолжување, ќе се оцени согласно состојбата.

Синоќа одново се слушна звукот на сирените, кои според кипарските медиуми биле активни околу десет минути, а портпаролот на кипарската Влада Константинос Летибиотис преку Икс информираше дека „не е утврдена никаква закана“.

Алармот беше вклучен и претпладнево, откако одново се слушна сирените, меѓутоа состојбата на тревога заврши веднаш, бидејќи не била откриена закана од објект кон британските воени бази.

Сирените, не се слушаат во Лимасол и во центарот на градот, туку само во западните населби што се во правец и во близина на воените бази, со оглед на тоа што станува збор за превентивни мерки на локално ниво.

Денеска на Кипар пристигнал британскиот министер за одбрана Џон Хили, кој се сретна со кипарскиот претседател Никос Христодулидис, а неофицијално, можно е да ги посети и британските бази.

Акротири – празно и пусто селото во близина на воените бази

Дописничката на МИА го посети малото село Акротири, што веќе четврти ден е „село на духови“ празно и пусто со оглед на тоа што жителите уште од првиот момент по нападот ги напуштија нивните домови.

Тогаш, дел од нив за кипарските медиуми посочија дека се исплашиле и од нападот и сирените и веднаш ги напуштиле нивните домови.

Сега, не успеавме да најдеме некој од жителите, куќите се затворени, единствено присутни се новинарските екипи, како и патролираат возила на кипарската цивилна заштита.

Голем дел од жителите на селото се сместени кај нивни роднини, додека пак некои прибежиште најдоа во собите со кои располага манастирот Свети Георгиј што е во близина.

Грчката фрегата „Кимон“ вчера доплови на Кипар, денеска патролира во морскиот дел околу Лимасол

По нападот во понеделникот, Грција веднаш реагираше и испрати на Кипар два воени авиони Ф-16 и уште истиот ден слетаа на островот, како и две фрегати што пристигнаа вчера.

Едната од фрегатите е „Кимон“, првата од четирите фрегати Белара што Грција ги набави од Франција, а во Атина пристигна на средината на јануари.

Станува збор за ултрамодерната фрегата Ф601 има најсовремени дигитални системи за воздушна и противподморска одбрана, а го носи името „Кимон“, по атинскиот политичар и генерал од 5 век п.н.е., кој се истакнал за време на Персиските војни.

Според историчарите, Кимон починал за време на поход на Кипар, но пред смртта им дал наредба на неговите најблиски војници, доколку почине да не биде информирана неговата војска со цел да се задржи моралот, па така продолжиле да победуваат и по неговата смрт, што довело до изреката „И мртов, победува“.

Поради поврзаноста на Кимон со Кипар тогаш како генерал, сега со фрегатата со неговото име, во изминатите денови, најчестиот коментар во кипарските и грчките медиуми е дека „речиси 2.500 години по неговата смрт, Кимон се враќа на Кипар“.

Фрегатата „Кимон“, вчера беше на пристаништето во Лимасол, за снабдување со гориво, а денеска патролира во поширокиот морски дел на градот и е видлива од брегот.

Голем дел од жителите на градот, со кои поразговара дописничката на МИА позитивно го коментираат фактот што не само Грција, туку и Франција испратија воена помош и поддршка за Кипар.

  • Она што Грција не го направи во 1974 година по турската инвазија, го прави сега, вели повозрасен Кипранец.

Денеска, кипарските медиуми пишуваат дека и Шпанија, Холандија и Италија испраќаат воени сили на островот.

Ставот на кипарската Влада уште од првиот момент е дека земјата не учествува на никаков начин, ниту има намера да биде дел од било какви воени операции, нешто што уште еднаш синоќа го повтори и претседателот на Кипар во телевизиската порака до граѓаните.

Министерот за одбрана Василис Палмас, говорејќи утрово за државното радио по оцени дека не постои директна закана против Република Кипар и покрај тензијата во поширокиот регион, додавајќи дека заканите што досега се евидентирани се однесуваа на британските бази на островот, но сепак појасни дека британските бази се наоѓаат на територијата на Република Кипар.

Освен онаа во Акротири, во западниот дел, постои уште една британска воена база на исток во Декелиа.

Маркетинг
Ad 4
Ad 2