Connect with us

Свет

Нападот со дрон врз британската база во Кипар ја одложи средбата на министрите од ЕУ

Состанокот на министрите за европски прашања на земјите-членки, кој требаше да се одржи денес и утре на Кипар, е одложен поради нападот со беспилотни летала врз британската база Акротири на островот, објави кипарското претседателство.

„Во раните утрински часови имавме еден, изолиран инцидент со беспилотно летало насочено кон британската база во Акротири, Кипар, со ограничена штета. Точното потекло на дронот моментално се проверува, но е потврдено дека Република Кипар не била цел на нападот“, објави портпаролката на кипарското претседателство.

Со оглед на овој неочекуван развој на настаните, кој за жал влијаеше на денешните летови до Кипар, кипарското претседателство одлучи да го одложи неформалниот состанок на Советот за општи работи за подоцнежен датум.

Советот за општи работи, кој го сочинуваат министрите за европски прашања на земјите-членки, требаше да разговара за предлогот за повеќегодишен буџет за периодот 2028-2034 година, борбата против манипулацијата со информации и вклучувањето на трети земји и проширувањето на ЕУ.

На состанокот беа поканети и министри од земјите-кандидатки.

На Кипар, кој беше британска колонија до 1960 година, постојат две бази – Акротири и Декелија – кои имаат статус на британска прекуокеанска територија. Овие две бази беа задржани од Британците според договорот за независност на Кипар од 1960 година.

Маркетинг
Ad 3
Ad 2