Connect with us

Општини

Официјално заврши откупот на ланскиот тутун, од понеделник почнува новото тутунопроизводство

И официјално законски, денеска завршува откупот на тутунот од ланската реколта. Со над 26.120 тони се заокружи ланската реколта тутун која, според тутунарите е главно, успешна. Просечната цена од 418 денари е најблиска до она што најмногу нудеа откупувачите.

-Заврши оваа реколта тутун за 2025 година. За нас, како Сојуз на земјоделските здруженија е доста успешна, зашто 99 проценти од количествата се купија во прва класа и без одбитоци. На тој начин се задоволни и тутунопроизводителите, истакна Кире Ристески, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија.

Јусуф Ибраими, тутунопроизводител од селото Житоше, Општина Долнени нагласи дека лани произвел околу 4 тони тутун. Планира и годинава производството да не биде под овие количества.

-Иако сакавме повисоки цени, сепак ова што беше понудено од откупувачите е горе-долу задоволително зашто е во рамките на највисоката цена, цената за прва класа. Очекуваме добра да биде и оваа производствена година. Се разбира, бараме повисоки цени,зашто се зголемуваат трошоците, вели Ибраими.

Од понеделник почнува склучувањето договори за новото производство. Интересот не се намалува, ама се зголемуваат барањата за повисоки цени. Сојузот на земјоделските здруженија на откупувачите им ја доставил својата понуда 510 денари за прва, 460 за втора и 400 денари за трета класа. Откупувачите не реагираат на таковиот предлог.

-Откупувачите ни понудија пониски цени. Еве, им оставаме уште ден-два да ги коригираат понудените цени и потоа, доколку не сакаат, ние јавно ќе излеземе да кажеме дека со нивните цени не се согласуваме. Понатаму, нашето барање и нашата „битка“ ќе остане за барањето повисоки цени. До почетокот на откупот ќе бараме дасе зголемат цените и со анекси на договорите да ги зголемат цените, врз основа на инфлацијата, на зголемените трошоци за производство. Инаку, пријатно сум изненаден од интересот за новото тутунопроизводство. Има барање за обележување парцели за првпат, со нови договори, рече Ристески.

Маркетинг
Ad 4
Ad 1