Регион
Кипарската Влада демантира дека биле лансирани ракети кон Кипар
Портпарлот на кипарската Влада Константинос Летибиотис и министерот за одбрана на Кипар Василис Паламас ги демантираа натписите во британските медиуми според кои министерот за одбрана на Велика Британија Џон Хили рекол дека „две ирански ракети биле лансирани кон Кипар“, јави дописничката на МИА од Атина.
Велика Британија има две големи воени бази на Кипар, а Хили, според британските медиуми, во интервју за „Скај Њуз“ посочил дека не верува дека целта на ракетите бил Кипар.
Овие информации категорично ги демантираа Паламас во изјава за кипарската новинска агенција ЦНА, како и владиниот портпарол преку Икс.
– Во врска со изјавите и натписите во медиумите што се однесуваат на лансирани ракети во правец на Кипар, се појаснува дека тоа не е точно и дека нема никаква индикација дека постоела закана за земјата. Надлежните органи внимателно и континуирано ја следат состојбата на напиша портпаролот на кипарската Влада Летибиотис.
Претседателот на Кипар Никос Христодулидис за попладнево свика состанок на Советот за национална безбедност за ситуацијата на Блискиот Исток, додека пак утрово имаше телефонски разговор со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта.
Како што информираше Летибиотис, Христодулидис и Кошта разговарале и за „можностите што постојат за хуманитарната улога што Република Кипар може да ја игра, вклучително и безбедната евакуација на европски државјани и државјани на трети земји од регионот преку Република Кипар“.
март 1, 2026

