Connect with us

Култура

Во Битолскиот театар пронајдена и претставена 100 години стара оригинална театарска завеса

Во Битолскиот театар е пронајдена, а денеска на јавноста и беше претставена, 100 години стара оригинална театарска завеса, донирана во 1926 година од страна на српската кралица. 

Во изјава за медиумите, директорот на НУ Народен театар-Битола, Васко Мавровски истакна дека првата театарска претстава на македонски јазик „Ѓоре Магарески“ е одиграна со зачуваната театарска завеса.

-После 100 години во нашиот театар ја најдовме оригиналната завеса која во 1926 година е донирана од српската кралица за народниот театар, во тоа време Битолски градски театар. Пронајдовме и фотографии на кои се гледа дека првата македонска претстава „Ѓоре Магарески“ одиграна во Битола е со оваа театарска завеса. Точно на 100 годишнината кога оваа претстава пристигнала во Битола, по некаква случајност, успеавме да ја откриеме. Значањето на завесата е големо, бидејќи во 1944 година кога бугарскиот фашистички окупатор го напуштал градот, го запалил театарот, а еден од сценските работници, дедо на наш пензиониран сценски работник влегува во тогашниот театар и единствено успева да ја спаси оваа завеса на која има орнаменти кои ги користеле партизаните, дел од везот е изваден, а останати се само два ловорови венци, кои претставуваат награда за уметниците поврзана со уметноста, истакна Мавровски.

На прес конференција во Битола, првиот човек на НУ Народен театар информираше дека за работа во 2026 година од Министерството за култура и туризам добиле над 6,4 милиони денари, односно како установа која во минатата година покажала исклучителни резултати во работењето, за оваа година НУ Народен театар Битола ќе се финансира со делегиран буџет. 

-Конечно успеавме да ја оствариме целта, да добиеме делегиран буџет и притоа доделени ни се средства за работа над 6,4 милиони денари, од нив дел за меѓународна соработка, за проекти и средства за одржување на објектот. Во текот на годината ќе се реализираат девет премиерни претстави и тоа „Пинокио“ од Карло Колоди во режија на Деан Дамјановски, „Пламенка“ од Петре Димовски во режија на Софија Ристевска Петрушева, „Вечера“ од Марко Камолети во режија на Марјан Ѓоргиевски, „Госпоѓа Бовари“ од Густав Фловер во режија на Дејан Пројковски, „Кориолан“ од Вилијам Шекспир во режија на Џон Блондел, „Господин благородник“ од Молиер во режија на Благој Мицевски, средства за „Битола Шекспир фестивал“, претставата „Ни треба пејачка“ од Кен Лудвиг во режија на Ненад Витанов и „Новогодишен сон“ од Јулијана Мирчевска во режија на Јулијана Мирчевска, посочи Мавровски.

На 15 јули ансамблот на НУ Народен театар Битола на фестивалот „Охридско лето“ ќе приреди македонска премиера на претставата „Кориолан“, а на 21 јули светска премиера на „Кориолан“ ќе биде одржана на „Шекспир фестивал“ во Верона.

Маркетинг
Ad 2
Ad 4