Connect with us

Регион

Тасулас: Не штедиме напори за забрзување на интеграцијата на Западен Балкан во нашето европско семејство

Грчкиот претседател Константинос Тасулас во денешниот говор на приемот за дипломатскиот кор во земјата, одржан во Претседателската палата, посочи дека Грција во однос на непосредните соседи од Западен Балкан, не штеди напори за забрзување на нивната интеграција во европското семејство, придонесувајќи во усвојување и ефикасна примена на правото на ЕУ, а паралелно промовира проекти за поврзување, јави дописничката на МИА од Атина.

Тасулас се осврна на сите теми од грчката надворешна политика, меѓу кои и ЕУ перспективата на Западен Балкан,како и на меѓународните случувања.

Посочи дека живееме во период во кој се доведуваат во прашање безбедносната архитектура од ерата по Втората светска војна и меѓународниот поредок заснован на правила се доведуваат во прашање и во период во кој геополитичките тензии и конфликтите се зголемуваат.

– Визијата што се наоѓаше во сржта на Повелбата на Обединетите нации беше дека меѓународните односи треба да се темелат на суверената еднаквост на сите членки, дека заканата или употребата на сила против територијалниот интегритет или политичката независност на која било држава мора да биде забранета и дека споровите треба да се решаваат по мирен пат. Меѓутоа, денес овие основни принципи на меѓународниот правен поредок се прекршуваат, а човековите права и меѓународното хуманитарно право се занемаруваат во многу делови од светот, нагласи Тасулас.

Грчкиот претседател детално се осврна на руската инвазија во Украина велејќи дека е најсмртоносна војна на европскиот континент по бројот на човечки жртви по Втората светска војна, „војна што не е само регионален конфликт, туку има глобални последици“, но и како што рече, најважно, „војна што ја поткопа Повелбата на ОН дека границите не можат да се менуваат со сила“, а паралелно ја повтори поддршката на Грција за Украина уште од самиот почеток.

За Блискиот Исток, Тасулас рече дека и таму беше оспорен меѓународниот правен поредок, а мировниот план на САД „беше иницијатива за пофалба“ и Грција очекува спроведување на неговата втора фаза при што е подготвена да придонесе во хуманитарната помош, обновата и регионалната стабилизација, додека пак за Иран, нагласи дека „треба да се исцрпат сите дипломатски патишта за да се спречи дополнителна ескалација што би можела да предизвика сериозна нестабилност во поширокиот регион“.

– Во овие особено критични околности во светот, надворешната политика на Грција останува посветена на мултилатерализмот и на почитувањето на меѓународното право, вклучително и правото на морето, Повелбата на ОН и одлуките на Советот за безбедност на ОН. Како непостојана членка на Советот за безбедност на ОН, веруваме во вредностите на дијалогот и дипломатијата како најефикасно средства за изнаоѓање одржливи и заемно прифатливи решенија за меѓународните проблеми. Нашата цел е да бидеме кредибилен партнер и столб на стабилност и безбедност во нашето соседство, вклучително и во Источниот Медитеран, но и пошироко, порача грчкиот претседател.

На традиционалниот годишен прием за дипломатскиот кор, присуствуваше и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, министри од Владата и амбасадори од низа земји, меѓу кои и в.д. амбасадорот на земјава во Грција Борис Мирчевски.

Маркетинг
Ad 4
Ad 2