Connect with us

Свет

Предизборна анкета: Левичарскиот блок на данската премиерка е блиску до освојување мнозинство

Социјалдемократската партија на данската премиерка Метe Фредериксен е блиску до освојување мнозинство со партиите од левицата на претстојните парламентарни избори, според новa анкетa за испитување на јавното мислење.

Ова може да значи крај на речиси четиригодишната влада на широка коалиција на партии од левицата и десницата на политичкиот спектар.

Фредериксен вчера распиша избори за 24 март кога гласачите или ќе ја наградат премиерката за одбрана на данскиот суверенитет над Гренланд и меѓународното водство или ќе ја казнат за занемарување на внатрешните проблеми, пренесуваат светските агенции.

Две анкети покажаа дека левичарскиот блок предводен од Фредериксен би можел да освои 87-88 од вкупно 179 парламентарни места, нешто помалку од 90-те потребни за да се има мнозинство.

Десничарскиот блок предводен од министерот за одбрана Троелс Лунд Полсен од Либералната партија би добил 73 и 77 пратеници, соодветно, според две анкети спроведени од „Епинион“ и „Мегафон“.

По две места во парламентот им припаѓаат на пратеници од две полуавтономни дански територии – Гренланд и Фарските Острови.

По изборите во 2022 година, владата ја формираа социјалдемократите, Либералната партија и Умерената партија предводена од поранешниот премиер Ларс Локе Расмусен. Според анкетите, поддршката за таа коалиција ќе се намали за 13 до 15-процентни поени.

Вчерашната дебата во парламентот ги истакна јасните поделби за предлогот на премиерката за воведување данок на богатство за да се финансираат образованието и социјалната помош.

Маркетинг
Ad 1
Ad 3