Регион
„Не беше несреќа, беше убиство“: Судир на демонстрантите во Атина со полицијата, употребен солзавец
Под слоганите „Не беше несреќа, беше убиство“, „Правда за загинатите“, „Криминалот од Темпи да не се скрие“, илјадници граѓани протестираа на плоштадот Синтагма пред грчкиот Парламент во Атина на тригодишнината од железничката несреќа кај Темпи, а по завршувањето на официјалниот дел, имаше тензии меѓу полицијата и маскирани лица, јави дописничката на МИА од Атина.
Официјалниот дел траеше нешто повеќе од два часа, започна со едноминутен молк и пораката „Бесмртни“, а на присутните им се обратија роднини на загинатите, татковци и мајки кои ги загубија нивните деца во несреќата што се случи на 28 февруари 2023 година со 57 жртви, повеќето од нив студенти.
Роднините на загинатите порачаа дека ќе се борат до крај сè додека не биде задоволена правдата и не бидат казнети одговорните.
Протестот во Атина беше организиран од Здружението „Темпи“ на роднините на загинатите и повредените во железничката несреќа, повици за учество упатија синдикати, граѓански и студентски здруженија и организации, работнички центри и дел од опозициските партии, а на собирот беа и лидерите на ПАСОК, СИРИЗА и Комунистичката партија.
На крајот од официјалниот дел и додека голем дел од демонстрантите си заминуваа, тензична беше атмосферата пред грчкиот Парламент, полицијата употреби солзавец и приведе неколку лица.
Протестот започна кусо пред 12 часот, а уште од рано утрово центарот на Атина беше под силно полициско обезбедување, на различни локации пред плоштадот Синтагма каде што беше собирот, постоеја полицајци кои ги проверуваа сите пешаци, како и нивните чанти, нешто што беше спроведено дури и за новинарите.
При овие превентивни контроли биле пронајдени неколку ранци со пластични шишиња со бензин, веројатно за молотови коктели, а пред за време и по протестот беа приведени над 100 лица.
Во текот на денешниот ден се одржаа над 100 протести, како низ цела Грција, така и во странство.
Железничката несреќа кај месноста Темпи е една од најголемите во последните над 50 години во Грција, кога два воза, патнички и товарен движејќи се по иста шина, но во спротивна насока директно се судрија и животот го загубија 57 лица, а над 100 беа повредени.
Тригодишнината е на нешто помалку од еден месец пред почетокот на долгоочекуваното судење закажано за 23 март во градот Лариса, со обвинети 36 лица.
февруари 28, 2026

