Култура
Националната установа „Стоби“ годинава од Министерството за култура и туризам доби 9,8 милиони денари
Министерството за култура и туризам во рамки на годинашната програма за 2026 година за Националната установа „Стоби“ годинава издвои вкупен буџет 9.8 милиони денари, што е за една третина повеќе од лани кога беа издвоени 6.1 милиони денари.
Како што информира за МИА директорката на установата, археологот д-р Силвана Блажевска, годинава во археолошкиот локалитет Стоби ќе се работи на конзервација и истражување на многу значајни проекти, како што е Театарот и Градбата со арки позната како библиотеката во Стоби, а ќе се работи и на конзервација и доистражување на архитектонските остатоци од Резиденцијален и комерцијален кварт од рановизантиско Стоби. Во зависност од временските услови, работите треба да почнат до крајот на април.
За проекти од областа на заштитата на културното наследство, Министерството за култура и туризам издвои 8 милиони денари за шест проекти: првиот и еден од најзначајните е продолжувањето со конзервација, реставрација, реконструкција и археолошко доистражување на објектот Римски театар во Стоби.
Втор, исто така, голем проект е конзервација, реставрација и археолошки доистражувања на Градбата со арки или позната како библиотеката во Стоби. Третиот значаен проект на кој археолозите ќе работат годинава е конзервација и доистражување на архитектонските остатоци од Резиденцијален и комерцијален кварт од рановизантиско Стоби и четвртиот – конзерваторско-реставраторски работи и археолошки доистражувања на Северозападниот бедем во Стоби – фаза 1.
Како и секоја година, одобрени се средства и за тековно одржување и партерно уредување на археолошкиот локалитет Стоби. Годинава ќе се работи и на основен проект за конзервација, реставрација, конструктивно зајакнување на објект Стара железничка станица и негова адаптација во Центар за посетители Археолошки локалитет Стоби – фаза партерно и внатрешно уредување.
Од проектите од областа на музејската дејност за 2026 годна одобрени се вкупно 1,8 милион денари, од кои 900.000 денари за четири проекти: Конзервација и реставрација на opus sectile мозаична декорација на дрвен мобилијар откриен во Епископската резиденција во Стоби, реализација на основен проект за конзервација и реставрација на керамика и стакло од збирката на НУ„Стоби“, набавка на конзерваторски метеријали за лабраторијата и изработка на постаменти за камени споменици во лапидариумот. Воедно за набавка на опрема на конзерваторската лабораторија се издвоени уште 900 илјади денари.
Како што информира директорката Блажевска, првите два големи проекта, кои во зависност од временските услови ќе почнат да се реализираат кон крајот на април, се конзервација, реставрација и археолошки доистражувања на Градбата со арки или позната како библиотеката во Стоби и напоредно ќе се работи на конзервација и доистражување на архитектонските остатоци од Резиденцијален и комерцијален кварт од рановизантиско Стоби.
Инаку, секоја прва недела во месецот, па така и утре, 1 март, посетата во археолошкиот локалитет Стоби за сите посетители е бесплатна.
февруари 28, 2026

