Connect with us

Забава

Климатските промени сѐ поголема закана за царските пингвини

Царските пингвини, кои веќе се ранливи за време на сезоната на размножување, поради климатските промени, исто така, се загрозени и во времето на нивното годишно митарење. Тоа ги принудува да бараат засолниште во сè поограничени области на антарктичкиот мраз, предупредуваат истражувачите од Британскиот институт за истражувања на Антарктикот.

Секоја година, царските пингвини (латински: Aptenodytes forsteri) го заменуваат целото свое перје за време на јужното лето, преживувајќи неколку недели додека не им пораснат водоотпорни пердуви, за повторно да можат да пливаат и ловат во ледени води. Тој природен обичај е веќе опасен за овие птици што не летаат, а може да стане и смртоносен бидејќи морскиот мраз што им е потребен во овој период се намалува поради покачувањето на температурите.

Истражувачите од Институтот, анализирајќи сателитски слики собрани во текот на седум години, случајно открија неколку колонии во процес на митарење по должината на екстремно изолираниот брег на областа Мери Берд Ленд во западен Антарктик. Како последица на топењето на мразот, царските пингвини се принудени да живеат во сè поограничени простори, собирајќи се во покомпактни и густо населени групи, според соопштението на истражувачите.

Во 2025 година, само 25 мали групи пингвини биле видливи на снимките, додека во 2022., имало повеќе од 100 групи во истата област.

– Иако немаме поим што се случило со овие пингвини, знаеме дека тие можат да најдат нови соодветни места за размножување откако ќе се стопи мразот. Значи, можно е тие да создале и нови места за митарење на друго место. Сепак, можно е голем број од нив да угинале откако влегле во Јужниот Океан пред да имаат време да го заменат своето водоотпорно перје, појасни Питер Фретвел, главен автор на истражувањето. – Ако е така, состојбата за царските пингвини е уште покритична отколку што мислевме, додаде тој.

Истражувањето на Институтот за лани покажа дека популациите на царски пингвини изгубиле повеќе од 20 отсто од своите членови за 15 години во едно од главните живеалишта на Антарктикот.

Во следената област, ледената покривка се намалила, во просек, за 500.000 квадратни километри за 50 години (што е приближно колку големината на Шпанија) – на 100.000 квадратни километри во 2023 година. Така, денес морскиот мраз се распаѓа пред пингвините да завршат со митарењето. Ова предизвикува загриженост кај научниците дека многу од птиците можеби нема да преживеат.

„Ако се принудени да се вратат во океанот пред нивното перје целосно да се обнови, пингвините ризикуваат исцрпеност поради зголеменото трошење енергија, премрзнатост и зголемен опасност од грабливци“, се објаснува во извештајот.

Топењето на мразот, како што е веќе познато, има и катастрофални последици за размножувањето на царските пингвини, коешто трае од април до декември. Во 2025., Британскиот институт откри дека последниве години некои колонии ги изгубиле сите свои пилиња, кои многу веројатно пцовисале давејќи се или смрзнувајќи се до смрт кога мразот се стопил пред да бидат подготвени да се соочат со ледениот океан. Според други истражувања, Антарктикот се затоплува два до четири пати побрзо од другите делови на светот.

Маркетинг
Ad 1
Ad 4