Култура
Хуманитарна изложба „Трага во бесконечноста“ во Кочани
Двата изложбени салони на Центарот за култура „Бели мугри” во Кочани синоќа беа преполни со посетители на чинот на отворањето на хуманитарната донаторска групна ликовна изложба насловена „Трага во бесконечноста“, организирана во чест и за спомен на Сара Јорданова, средношколка, една од 63-те жртви во трагедијата што се случи на 16 март 2025 во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Повеќето од изложените над 130 дела на сликари од Македонија и од странство се продадени. Центарот за култура „Бели мугри“ и семејството Јорданови собраните средства ги наменија за деца без родители.
Поставката од слики работени во различни техники во двата изложбени салона на Националната установа од Кочани ќе остане до 6 март. Дотогаш изложбата ќе биде отворена за посетители, а непродадените дела ќе може да се откупат.
Делата на Сара и нејзината мајка, кои беа дел од синоќашната изложба, не се продаваа како оригинали, можеше да се откупи нивна печатена репродукција.
На почетокот од овој настан полн со емоции, обраќања имаа другарки на Сара и членовите на семејството Јорданови.
-Уметноста зборува и кога зборовите замолкнуваат, е пораката што се испраќа од оваа хуманитарна и донаторска изложба, порача в.д. директорката на Центарот за култура „Бели мугри“, Габриела Стефановска.
Настап имаа и членовите на рок-групата „Корка“. Сара беше дел од почетоците на овој бенд, свиреше на тапани.
Каталогот со изложените дела е достапен на веб-страницата www.traga-vo-beskonecnosta.com
Хуманите граѓани и натаму може да донираат преку уплата на жиро-сметката 270-7000471243-92 во Халк банка, со назнака: Донација за хуманитарна изложба „Трага во бесконечноста“.
февруари 28, 2026

