Свет
Естетиката е важна и за физичкото и за менталното здравје, седми симпозиум за естетска медицина во Скопје
Естетиката е важна и за физичкото и за менталното здравје, беше нагласено денеска на седмиот Симпозиум за естетска медицина со меѓународно учество што се одржува во Скопје. Настанот е во организација на Здружението за естетска медицина (ЗЕМ).
Претседателот на здружението, проф. д-р Игор Пеев, во изјава за медиуми истакна дека за годинашниот симпозиум има огромен интерес.
– За овододинашниот седми Симпозиум за естетска медицина има огромен интерес бидејќи ги спојува убавината и естетиката во функција на општото здравје, така е и мотото на овој симпозиум. Имаме дел што се однесува на третман на лузни по различни видови несреќи, што мислам дека периодов е доста актуелна и значајна тема за нас, подвлече Пеев.
Тој рече дека современата естетска медицина е дисциплина што ги обединува науката, технологијата и клиничката пракса во служба на пациентот.
– Нашата цел е да обезбедиме највисоки стандарди на безбедност и квалитет, базирани на научни докази и меѓународни протоколи. Кога зборуваме за естетика, зборуваме за севкупното здравје. Токму затоа е важно постојано да инвестираме во знаење и стручна надградба, нагласи Пеев.
Д-р Анџелка Илиева, генерален секретар на здружението, рече дека присутни се врвни експерти од странство кои можат да пренесат знаење на тераписки модалитети што досега не биле познати.
– Симпозиумот започна утрово, посетеноста е многу голема, годинава најголема досега. Симпозиумот ќе трае цел ден, завршуваме некаде попладне, утре имаме практични работилници. Денешниот ден е навистина значаен за нас. Зборуваме за тоа колку естетиката е важна во функција на оздравувањето и на целокупното физичко и ментално здравје и затоа имаме една цела сесија посветена на третмани на лузни од секаков тип повреди. Присутни се врвни експерти од странство кои можат да нè научат на тераписки модалитети што за нас досега не биле познати, додаде Илиева.
Таа истакна дека естетската медицина бара интегриран и одговорен пристап.
– Естетската медицина денес е мултидисциплинарна гранка, што комбинира хируршки, нехируршки и регенеративни пристапи. Нејзиниот развој и интеграција во клиничката пракса придонесуваат кон подобро здравје, функционална способност и благосостојба на пациентите, додаде Илиева.
Како што беше кажано на настанот, годинашниот симпозиум испрќа јасна порака дека естетската медицина претставува интегрален дел од современото здравство, дисциплина со голем опсег – од нехируршки и хируршки процедури до реконструктивни и регенеративни терапии што влијаат на физичката функција, самодовербата и менталната благосостојба на пациентите.
– Според најновите светски податоци, вкупниот број на естетски интервенции на глобално ниво достигнува над 38 милиони процедури годишно, при што бројот на хируршки и нехируршки третмани бележи значајно зголемување од 40 проценти во однос на 2020 година (ISAPS 2024), беше кажано на настанот.
Како што беше кажано, програмата опфаќа широк спектар современи теми – од безбедноста на естетските интервенции, управување со компликации, мултимодални терапевтски пристапи и регенеративни методи, до иновативни техники во нехируршки и хируршки процедури. Посебен акцент бил ставен на научно засновани протоколи и холистички пристап во третманот на пациентите.
– Седмиот меѓународен симпозиум за естетска медицина уште еднаш ја потврди улогата на ЗЕМ како релевантна стручна платформа што придонесува кон развој на оваа медицинска дисциплина и кон јакнење на професионалните стандарди во земјата, беше истакнато на настанот.
февруари 28, 2026

