Свет
Добриндт: АфД останува под набљудување на германската разузнавачка служба
Германскиот министер за внатрешни работи Александар Добриндт денеска изјави дека продолжува набљудувањето на ултрадесничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) од страна на германската разузнавачка служба.
– Пресудата во која се наведува дека разузнавачката служба не може да ја класифицира АфД како „потврдена“ десничарско екстремистичка партија јасно наведува дека постојат тенденции во партијата насочени против слободниот демократски основен поредок, иако тоа не е карактеристично за партијата како целина. Затоа АфД останува под набљудување, наведе Добриндт.
Заменик лидерот на парламентарната група на АфД, Маркус Фронмаер претходно го повика Министерството за внатрешни работи веднаш да ги прекине сите мерки против партијата. Според него судската одлука јасно укажува дека АфД е неправедно прогонувана.
Административниот суд во Келн вчера одлучи дека Федералната канцеларија за заштита на Уставот, како што официјално е позната германската разузнавачка агенција, засега не може да ја класифицира и етикетира АфД како потврдена десничарско екстремистичка партија.
Според судот, постои доволна сигурност дека во АфД се развиваат тенденции насочени против слободниот демократски основен поредок, но тоа не е карактеризирано на таков начин што може да се воспостави уставно непријателство во целокупниот имиџ на партијата.
февруари 28, 2026

