Регион
Андрулакис: Се потврди дека моето прислушување не било „грешка“, туку организиран парадржавен механизам
Се потврди дека моето прислушување не било „грешка“, како што некогаш изјавивте, туку организиран парадржавен механизам што грубо ги погази човековите права, го поткопа владеењето на правото и ја изложи земјата меѓународно, рече претседателот на ПАСОК Никос Андрулакис јави дописничката на МИА од Атина.
Лидерот на главната опозициска партија, во рамките на пратеничкото прашање до грчкиот премиер околу енергетската политика на Владата, се осврна и на вчерашната одлука на судот во врска со скандалот со прислушувањата, при што четворица бизнисмени беа прогласени за виновни.
Андрулакис посочи дека „оваа одлука претставува голем пораз на парадржавата, организирана во премиерската палата“.
– Велите дека судската одлука не ве засега затоа што се однесува на „некои приватни лица“. Приватните лица кои вчера беа осудени затоа што ја прислушуваа половина од вашата Влада и началниците на вооружените сили. Навистина, прочитавте дека судот бара нова истрага за шпионажа? Шпионажа, господине Мицотакис! Што ќе направите сега? Кои ќе бидат правните дејствија на премиерот на Грција кон овие приватни лица, од кои некои се и жители на трети земји? Премиерот кој положи заклетва да му служи на народот и татковината, што ќе направи за оние кои ја организираа оваа парадржава во земјата со која управува? Во чие име беше организирана парадржавата? Кој им даде наредба да ја организираат?, нагласи и праша Андрулакис.
Истакна дека борбата ќе ја продолжи до крај, „за пред правдата да бидат изведени сите оние кои мислат дека затоа што ја освоиле власта, државата им припаѓа ним“ и истакна дека не станува збор за лично прашање, туку прашање на принципи, вредности и заклетва.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис одговарајќи за конкретната тема рече дека Андрулакис уште пред еден месец најавил дека ќе достави предлог за расправа во Парламентот за владеењето на правото и дека сè уште го чекаат.
– Однапред ви велам: вашиот предлог е прифатен. Поднесете предлог за владеењето на правото во целина, да дојдеме тука и да ги разгледаме сите прашања, да го видиме напредокот што сме го постигнале, да ги видиме областите во кои заостануваме и потоа повторно да се соочиме онаму каде што треба, овде во грчкиот Парламент, порача Мицотакис.
Како што вчера објави МИА, основачот на компанијата „Интелекса“, израелецот Тал Дилиан, неговата бизнис партнерка Сара Александра Хаму, поранешен заменик-администратор и акционер во истата компанија Феликс Биѕиос и Јанис Лавранос, сопственик на „Крикел“, компанијата што купила шпионскиот софтвер Предатор, беа прогласени за виновни во судскиот процес за скандалот со прислушувањата во Грција од 2022 година.
Претседателот на ПАСОК беше меѓу оние кај кои имало обид мобилниот телефон да биде следен со софтверот Предатор, а паралелно бил прислушуван и од Националната служба за разузнавање на Грција (ЕИП) за време на изборите за лидер на партијата (во 2021 година).
Истражувањата на медиумите во Грција тој период открија дека десетици лица биле таргетирани преку своите мобилни телефони, меѓу кои министри, високи воени и судски функционери, новинари и бизнисмени, а софтверот „Предатор“ е развиен од македонската компанија „Сајтрокс“, подоцна стана дел од израелската Интелекса.
За скандалот, во 2022 година оставки си поднесоа директорот на Националната служба за разузнавање на Грција Панајотис Кондолеон и генералниот секретар на грчката Влада Григорис Димитриадис кој е роднина и близок соработник на Мицотакис.
февруари 28, 2026

