Connect with us

Вести

Унапредување на соработката меѓу земјите од Вишеградската група и Западен Балкан во фокусот на средбата Милошоски – Вистричил

Унапредувањето на соработката меѓу земјите од Вишеградската група со државите од Западниот Балкан е взаемно корисен процес за искористување на стопанските потенцијали, како и за подобро усогласување на ставовите во однос на глобалните предизвици за Европа, е заедничка констатација на потпретседателот на Собранието Антонијо Милошоски и претседателот на Сенатот на Чешката Република Милош Вистричил на средбата што ја остварија пред почетокот на денешната Конференција на претседатели на парламенти на земјите од Југоисточна Европа и земјите од Вишеградската група во Будимпешта.

– Се заблагодарив за постојаната поддршка што Чешка и ја дава на Македонија. Разговаравме за нашите билатерални односи, како и за состојбите во регионот во однос на европските интеграции. Заедничка констатација е дека унапредувањето на соработката меѓу земјите од Вишеградската група со државите од Западниот Балкан е взаемно корисен процес за искористување на стопанските потенцијали, како и за подобро усогласување на ставовите во однос на глобалните предизвици за Европа, објави Милошоски по средбата.

Конференцијата на претседатели на парламенти на земјите од Југоисточна Европа, која е во организација на Националното собрание на Унгарија, е традиционален меѓупарламентарен форум што се организира од 2004/2005 година и претставува значајна платформа за политички дијалог и парламентарна соработка меѓу земјите од Југоисточна Европа.

Фокусот на конференцијата е насочен кон регионалната соработка, европската интеграција и заедничкото справување со актуелните политички, економски и безбедносни предизвици во регионот.

Централна тема на првата сесија е „Состојбата на проширувањето во регионот на Југоисточна Европа“, додека втората сесија е посветена на „Економските инвестиции и енергетските поврзувања – предизвици и можности во регионот“.

На конференцијата се предвидени обраќања на високи претставници на земјата домаќин, како и на претставници на Европската Унија и меѓународни организации, по што ќе следат дискусии и излагања на учесниците. Во завршниот дел е планирано усвојување на заедничка парламентарна декларација, како и билатерални средби меѓу делегациите.

Маркетинг
Ad 1
Ad 4