Connect with us

Вести

Сиљановска-Давкова – Бегај: Нема поголема инвестиција во стабилноста на Западен Балкан од членството во ЕУ

Македонија и Албанија имаат одлични билатерални односи и соработка, а дијалогот е заснован на отвореност и разбирање. Меѓу двете земји нема отворени прашања, што е дополнителен импулс во унапредувањето на соработката. Одличните пријателски односи се градат само врз меѓусебна почит, доверба, партнерство и заедничка визија за европската иднина. Членството во ЕУ не е само државна или национална цел на двете земји, туку заеднички проект и стремеж за целиот регион и нема поголема инвестиција во стабилноста на Западен Балкан од членството во ЕУ, порачаа македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова и нејзиниот албански колега Барам Бегај, кој е во официјална посета на земјава.

– Кога немате отворени прашања, имате основ за соработка во сите области. Уште еднаш, денеска, и покрај напредокот, потенциравме дека има простор за зголемување на трговската размена и за инвестициите. Има неискористен материјал меѓу бизнис-заедниците. Треба да се валоризира. Потребна е натамошна инфраструктурна заедничка активност и поврзаност – рече претседателката на заедничката прес-конференција по средбата.

Една од главните теми на кои разговарале со Бегај била и онаа поврзана со европската перспектива, која, како што рече претседателката, е поблиска за Албанија.

– Јас при секоја средба изразувам задоволство од чекорењето на Црна Гора и Албанија, во кои гледам европски чекори и за целиот Западен Балкан. Се разбира дека цврсто сме определени за членство во Европската Унија. До членството се стигнува со реформи, особено со владеење на правото, борба против корупцијата и јакнење на демократските институции – рече Сиљановска-Давкова.

Двајцата претседатели веруваат дека нема поголема инвестиција во стабилноста на Западен Балкан од членството во ЕУ.

Албанскиот претседател Бегај вели дека за повеќето прашања за кои разговараат на средбите се согласуваат и оти така треба да постапуваат две соседни држави – како земји партнери со доверба и земји сојузници во НАТО. Додаде дека иако немаат извршни улоги и функции, во разговорот со Сиљановска-Давкова се осврнале и на договорите што ги имаат потпишано владите.

– Албанците во Северна Македонија и Македонците во Албанија продолжуваат да бидат силен мост за пријателство и соработка помеѓу нашите две земји. Албанија ги цени историските постигнувања со имплементацијата на Охридскиот рамковен договор. Ние искрено го цениме секој напор да се создаде мултиетничко и функционално општество преку целосно спроведување и имплементација на овој договор и почитување на обврските што произлегуваат од тој договор. Цениме дека правичната, достоинствената и соодветната застапеност на Албанците во државните институции и целосното спроведување на Законот за употреба на јазиците во однос на албанскиот јазик, кој се однесува и е дел од идентитетот на Албанците, и запазувањето на механизмите за рамноправност не се просто техничко прашање, туку претставуваат суштински елемент за социјална кохезија, за институционалната стабилност и европската перспектива – рече претседателот на Албанија, Бегај.

Во однос на, како што рече, најважната тема за регионот – европската интеграција, Бегај смета дека тоа не е само државна или национална цел за Албанија или за земјава, туку заеднички проект и стремеж за целиот наш регион.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1