Вести
Порталот за е – услуги лани со раст од 166 проценти на корисниците
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски вели дека Порталот за е-услуги бележи рекордни резултати и станува централна точка за електронските услуги за граѓаните.
Андоновски вечерва во „Топ тема“ на ТВ Телма рече дека според податоците за 2025 година, Порталот за услуги оствари 290 проценти раст на издадени услуги и 166 проценти раст на корисници. Тоа, смета министерот, е јасен показател дека граѓаните го препознаваат, го прифаќаат и се повеќе го користат Порталот како најпрактична дигитална алатка во секојдневието.
Со 290 проценти раст на издадени услуги и 166 проценти раст на корисници во 2025, Порталот за услуги е најкористената дигитална алатка во државата, претставува средиште на електронските услуги кои што се нудат за граѓаните. Јас сум многу задоволен како граѓаните го препознаваат и како го користат, успешноста ја мериме на тој начин – преку бројки – рече министерот Андоновски.
Според него, Порталот денес е динамична платформа која генерира 3 до 4 нови услуги месечно, а токму услугите што се додаваат се меѓу најкористените од граѓаните.
Ако имавме еден портал кој што беше не препознатлив и кој што луѓето не сакаа да го користат, денеска имаме портал кој што генерира три до четири нови услуги месечно, а кои граѓаните најмногу ги користат – рече Андоновски.
Министерот се осврна и на предизвиците со кои се соочува дигиталната трансформација во дел од институциите, посочувајќи дека во системот има определени институции кои процесите ги водат со значителна динамика, но и институции кои имаат „страв“ или немање воспоставен процес на дигитализација, бидејќи дигиталната услуга, на крајот, мора да произлезе од внатрешните системи на самата институција.
Дигитализацијата не е процес на една Влада или на едно Министерство. Ова треба да биде процес на секоја институција – и на законодавна и на извршна и на судска власт. Дигитализацијата веќе не смее да се сфаќа како нешто што е убаво да се има, туку како нешто што е задолжително да се има – истакна Андоновски.
февруари 27, 2026

