Connect with us

Вести

Пет кандидати за член на Судски совет интервјуирани во Собранието, еден кандидат не се појави

На собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска беа интервјуирани пет од шесте кандидати кои ги исполнија законските услови за член на Судскиот совет. Не се појави кандидатката Светлана Попова поради што се смета дека таа ја повлекла кандидатурата. 

Најголем дел од кандидатите работат како адвокати и доаѓаат од гостиварскиот регион. Дел од нив работеле во Основниот суд во Гостивар, а некои и во државни институции. Речиси сите тврдат дека не се членови на политичка партија.  

Сабедин Даути, нотар од Гостивар, смета дека судската власт треба да биде ослободена од било какви влијанија и уверен е дека со искуството што го има може, како што рече, совесно и принципиелно да ја извршува функцијата член на Судскиот совет. Вели дека ќе биде посветен на унапредување на транспарентноста, мерит системот и градењето доверба во судството. 

Тврди дека никогаш не бил член на политичка партија, ниту дека присуствувал на партиски состаноци. Во одговор на поставено прашање од невладините организации потврди дека бил кандидат за градоначалник на Гостивар предложен од Влен, меѓутоа дека пред да ја прифати кандидатурата се консултирал со Нотарската комора и со Министерството за правда од каде добил потврден одговор дека може да се кандидира. 

– Никогаш не сум бил член на таа партија и никогаш не сум присуствувал на состаноците на партијата. Во никој случај немам поврзаност со било која партија, рече Даути.

Арбер Исаку е дипломиран правник кој работи како адвокат. Доколку биде избран за член на Судскиот совет вели дека неговото делување ќе се темели на неколку постулати – доследна примена на мерит системот, неселективна примена при утврдувањето на дициплинската одговорност, аргументирано образложување на одлуките и личен придонес кон зајакнување на институцијата Судски совет. 

– Кога зборуваме за судството не можеме да го замериме фактот дека довербата во судството е многу мала. Рејтинот на судството не се подобрува со декларативни заложби, туку со транспарентни одлуки. Институцијата која одлучува за судиите мора да биде пример на објективност и доследност. Не е доволно само да биде донесена одлука, туку таа треба да биде јасно аргументирана, рече Исаку во своето излагање. 

Сејфула Османи, адвокат по професија, исто така од Гостивар, во своето претставување рече дека работел во Основниот суд во Гостивар, но дека ја напуштил оваа работа поради тоа што не сакал да потпадне под влијание. Политички немам никаков ангажман и не планирам да имам, рече Османи.

Верува дека може да се подобри рејтингот на судството, а како член на Судскиот совет вели дека би работел на заштита на оние судии кои чесно си ја работат својата работа. 

–  Судскиот совет треба им даде заштита на оние судии кои не сакаат да потпаднат под влијание. Судиите некогаш се чувствуваат кршливи бидејќи никој не ги штити. Не сум зза тоа да се бранат судиите кои се корупирани, тие треба да бидат осудени, но да се заштитат оние кои си ја работат работата. Судиите треба да станат партнери со Судскиот совет, а не да бидат на две спротивни страни, рече Османи.

Феузи Џафери, адвокат од Гостивар, кој по вторпат се пријавува на огласот, вели дека Судскиот совет мора да се залага за подобро работење на судиите и за враќање на доврбата на граѓаните во судството. 

–  Крајно време е напишаното и реалната состојба да станат едно. Мислам дека можеме да имаме независно судство и дека можам да придонесам во таа насока, рече Џафери, кој додаде дека ќе се залага за транспареноста. 

Фадиљ Џелили, адвокат од гостиварско, кој во 2010 година е избран за заменик-претседател во Основниот суд во Гостивар, но во 2014 година против него е покрената постапка за одговорност. Ваквиот чекор, според него, бил направен од политички побуди. 

– Бев зачуден од ваквата постапка за одговорност бидејќи сите што ме познаваат, знаат дека сум непопустлив, а тоа можеби е мана во денешно време. Не дозволив тие да постапат и отидов во Судскиот совет и си поднесов оставка. Оттогаш работам како адвокат. Од 1999 година не сум бил во политичка партија затоа што политиката на нашите простори е таква каква што е, рече Џелили.

Потврди и дека бил повереник на Владата за Гостивар и дека ги извршувал работите во надлежност на градоначалникот до повторните избори во овој град.

Смета дека треба да се работи на тоа секој да има одговорност без разлика дали е обичен службеник или на повисока функција. Она што му се допаѓа во новиот закон, како што рече, е тоа што се споменува одговорност и за членовите на Судскиот совет.

–  Зборот одговорност во нашата земја е речиси пред исчезнување. Одговорноста е толку падната тргнувајќи од обичен службеник, до највисоките истанци. Мора одговорноста да се врати, мора секој во било која позиција да има некаква одговорност особено во судството, рече Џелили. 

По денешното интервјуирање на кандидатите, до Собранието треба да биде доставена предлог листа на кандидати за член на Судскиот совет. 

Маркетинг
Ad 3
Ad 1