Култура
Драмски театар Скопје во 2026 планира шест премиери со буџет од 6.720.000 денари
Со Годишната програма за работа НУ Драмски театар во продукцијата планира шест претстави за кои е обезбеден буџет од 6.720.000 денари. Средствата ќе бидат распределени крајно избалансирано и одговорно, во согласност со неопходните естетски критериуми што мора да соодветствуваат на нивото и реномето на Драмски театар, наведува оваа национална установа во соопштение, кое МИА го пренесува интегрално.
Управниот одбор на националната установа Драмски театар ја донесе програмата за работа за 2026 година по што Министерството за култура и туризам и НУ ДТС ќе склучат договор за финансирање на годишната програма за работа на установата.
Директорот на НУ ДТС, Роберт Вељановски, за 2026 година, во која се одбележува 80-годишнината на театарот, ги предложи следните проекти во рамките на драмската дејност:
Првата премиера во оваа година е планирана на 7 март – претставата „Ова е само крајот на светот“ од авторот Жан-Лик Лагарс, во режија на Теа Беговска со планиран буџет од 720.000 денари.
„Мачкина глава“ од авторот Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски ќе се реализира со буџет во износ од 1.800.000 денари, а премиерата е планирана во рамките на централната прослава за годишнината, која ќе биде организирана во април.
За реализација на „Федра“ од авторот Расин /„Љубовта на Федра“ од Сара Кејн, во режија на Дино Мустафиќ предвиден е износ од 1.800.000 денари. Премиерата е планирана во јули на фестивалот „Охридско лето“.
„Алиса се враќа дома“ од авторката Ивана Смилевска, во режија на Моника Ставревска ќе биде четвртата премиера во продукција на Драмски театар, планирана за новата сезона во септември. За претставата е предвидено финансирање во износ од 600.000 денари.
Претставата „Трите сестри во Москва“ од авторот Владимир Талевски, во режија на Јани Бојаџи ќе се реализира во рамките на предвидените 900.000 денари. Со премиерата во октомври ќе биде отворен македонскиот Фестивал РУТА Скопје.
Шестата претстава со поддршка на Министерството за култура и туризам е „Рекет“ по текст и во режија на Коле Ангеловски, за која е предвидено финансирање во износ од 900.000 денари.
Во годишната програма поддржана од Министерството за култура и туризам, во делот организација на манифестации, и годинава е планиран Фестивалот РУТА. Петтиот фестивал на Регионалната унија на театри ќе се одржува во Драмски театар од 26 до 31 октомври со планирана вкупна сума од 1.500.000 денари.
За ставката меѓународна дејност се планирани средства во висина од 2.000.000 денари. Меѓународната соработка ги опфаќа гостувањата на ансамблот на Драмски театар во странство, на фестивалите РУТА во Љубљана, Загреб, Сараево, Белград и во Подгорица, како и гостувањето во Република Јужна Кореја за кое е планиран износ од 400.000 денари.
За издавачката дејност на Драмски театар, Министерството го поддржува објавувањето на „Театарски гласник“ како најзначајна годишна публикација што ја сублимира севкупната продукција на националните театри и драмската програма на најрепрезентативните фестивали во Македонија во една сезона. За „Театарски гласник“ се планирани 150.000 денари, а годинава издавачката дејност на театарот ќе биде збогатена со нова монографија на НУ ДТС, која ќе биде објавена за 80-годишнината на театарот. За монографијата е планиран буџет во износ од 350.000 денари.
Годишната програма на НУ Драмски театар Скопје е објавена на веб-страницата на театарот.
февруари 27, 2026

