Свет
Данците на 24 март излегуваат на парламентарни избори – премиерката Фредериксен се обидува да го искористи спорот за Гренланд
Данска ќе одржи парламентарни избори на 24 март, изјави пред два дена премиерката Мете Фредериксен, обидувајќи се да ја искористи растечката поддршка за неа и нејзината партија поради нејзиниот цврст став за Гренланд, објавија западните агенции.
Во последните месеци, Фредериксен ги обедини европските лидери против американскиот претседател Доналд Трамп, кој ги обнови своите амбиции да го стекне островот, што е дел од данската територија, но ужива широка автономија.
Анкетите сугерираат дека ставот на Фредериксен ја зголеми нејзината популарност по широкото јавно незадоволство од нејзината влада поради зголемените трошоци за живот и притисокот врз социјалните услуги во Данска.
Спорот за Гренланд дополнително ја издигна Мете Фредериксен на глобалната политичка сцена, откако таа веќе привлече глобално внимание за нејзиниот брз одговор на пандемијата со Ковид-19 во Данска и поддршката на Копенхаген за Украина.
Данските избори ќе бидат тест за тоа дали гласачите ќе ја наградат Фредериксен за нејзиното меѓународно лидерство и почитувањето на данскиот суверенитет или ќе ја казнат нејзината влада за она што критичарите го нарекуваат занемарување на домашните политички прашања, забележуваат британските медиуми.
февруари 27, 2026

