Регион
Бериша: Разрешувањата во владата последен потег на Рама да си ја спаси сопствената кожа
Лидерот на албанската опозициска Демократска партија, Сали Бериша, преку видеопорака доцна синоќа реагира на најновиот потег на премиерот Еди Рама за смени во владата нарекувајќи го „обид да се спаси себеси“.
– Најновиот потег на Еди Рама е потег со кој тој се обидува да си ја спаси сопствената кожа. Со ова тој се обидува да ги измами луѓето во време кога и самиот е на чело на криминалната организација што ја предводи – вели Бериша.
Според него, „овој чекор на Рама, всушност, е повик до албанските граѓани и до албанската опозиција“ енергично да продолжат со протестите бидејќи „главната цел на мирното востание на Албанците е да ја спаси Албанија од Еди Рама и неговите марионети“.
– Еди Рама, нема повеќе пролет за твојата влада и за тебе. Ти си причина за сите големи проблеми со кои се соочуваат Албанците денеска. Ти си матрицата на ова големо зло што ги зафатило битието, душата, телото на Албанија – порачува Бериша во видеопораката.
Затоа, додава, барам негова итна оставка, во спротивно, ќе се соочи со опозицијата и целиот албански народ.
Синоќа, по деветчасовна средба со пратеничката група на Социјалистичката партија, чиј лидер е, Рама соопшти за реконструкција на владиниот кабинет „Рама 4“, формиран во септември минатата година по мајските парламентарни избори.
Од владата заминува вицепремиерката и министерка за инфраструктура и енергетика, Белинда Балуку, која од Специјалното обвинителство за корупција и организиран криминал (СПАК) е осомничена за корупција. Нова вицепремиерка ќе биде Албана Кочиу, актуелна министерка за внатрешни работи.
Се формира министерство за инфраструктура и енергетика, кое ќе го раководи Енеа Каракачи. Ферит Хоџа, поранешниот амбасадор на Албанија во ЕУ, е назначен за министер надворешни работи на местото на Елиса Спиропали.
Бесфорт Ламалари ја напушта функцијата министер за правда и ја презема функцијата министер за внатрешни работи, а Тони Гогу е назначен за прв човек на Министерството за правда. Заминува и Пиро Венгу од Министерството за одбрана, каде што ќе го замени Ермал Нуфи.
Ерјона Исмаили е назначена за министерка за односи со парламентот. Во девет ресори остануваат истите министри.
Предлогот Рама ќе го достави до претседателот Бајрам Бегај, кој треба да потпише уредба, по што само формално ќе биде изгласувањето во парламентот имајќи предвид дека од 140 пратеници, 83 се на социјалистите.
февруари 27, 2026

