Свет
Авганистан нападна пакистански нуклеарен центар, стотици жртви на двете страни
Авганистанските сили нападнаа нуклеарен објект во Пакистан, а како што тврди телевизијата „Аријана њуз“, повикувајќи се на свои извори, во нападот има жртви.
„По нападот врз воен центар во областа Кокал, во провинцијата Кибер-Пахтунхва, и врз друг нуклеарен центар, има стотици мртви, а ранетите се префрлени во болниците во Исламабад“, се наведува во објава на платформата Икс.
Претходно денеска Кабул објави дека авганистанските воздухопловни сили успешно нападнале воен камп и армиски кантон во Ношера, како и базата Џамруд.
Најмалку 12 пакистански војници се убиени, а 27 се повредени во нападите од страна на Авганистан, објави денес портпаролот на пакистанската армија, Ахмед Шариф Чаудри.
Според неговите зборови, 274 талибански борци се убиени, а 400 се повредени, како и дека се уништени 115 тенкови, оклопни транспортери и артилериско оружје, пренесува Ал Џезира.
Пакистански воени извори, исто така, наведуваат дека биле погодени воени цели на 22 локации низ Авганистан. Претходно, владата на талибанците објави дека осум од нејзините борци се убиени, а 11 се ранети.
Пакистанската телевизиска корпорација (ПТВ) објави дека пакистанската армија зазела неколку позиции на територијата на непријателот и „слави решителна победа“.
Пакистан минатата недела изврши воздушни напади врз области во неколку авганистански провинции. Според талибанското движење, во нападите биле убиени и повредени десетици цивили.
Во текот на изминатата ноќ талибанците спроведоа одмаздничка операција против непријателските сили по линијата Дуранд, а во текот на денот започнаа нова. Пакистанските сили, од своја страна, ги нападнаа Кабул, Кандахар и Пактија. Двете земји известуваат за стотици воени жртви.
Односите меѓу двете земји беа затегнати во октомври минатата година. Потоа во Пакистан се случија низа терористички напади, за кои локалните власти го обвинија бунтовничкото движење ТТП.
Во Кабул негираат дека борците на оваа група се на територијата на Авганистан и наведуваат дека борбата против нив е внатрешно прашање на соседната земја. Во текот на една недела, страните разменија удари, а потоа, со посредство на Катар и Турција, постигнаа договор за прекин на огнот.
февруари 27, 2026

