Connect with us

Фудбал

Андов пред стартот на мундијалските квалификации: Почнуваме ново поглавје во женската репрезентација

Македонската женска фудбалска репрезентација ги почна подготовките за првите натпревари од новиот квалификациски циклус за пласман на Светското првенство.

Со почетокот на овој циклус се отвора и ново поглавје во историјата на националниот тим бидејќи во составот предводен од Александар Андов доминираат фудбалерки кои беа дел до младинските репрезентации кои изминатиов период постигнуваа забележителни резултати.

„Почеток на нов циклус натпревари, но и ново поглавје во македонската женска фудбалска репрезентација. Овој тим е составен од фудбалерки кои беа дел од селекциите до 17 и 19 години, а тука се и фудбалерки кои и претходно беа во составот на сениорската репрезентација. Во репрезентацијата доминираат фудбалерки од домашниот шампионат. Правиме нов концепт, создаваме нов тим, кој подолг период ќе игра заедно. Во овој циклус на квалификации имаме идеална група да се види до каде сме, но и покрај фактот што екипата е целосно подмладена и во екипата имаме фудбалерки кои за прв пат ќе бидат дел од А репрезентацијата, јас сум оптимист и верувам дека можеме да бидеме подобри од Азербејџан и Андора“, изјави селекторот Андов за официјалниот сајт на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).

Македонката репрезентација има фаворитски статус во дуелите против Азербејџан и Андора и реално е да се очекува дека на стартот може да забележи две победи.

„Нашите планови се да освоиме шест бодови во овие два натпревари. Во двата дуели ќе одиме на победа и ако ја исполниме целта ќе се најдеме на нивото кое сакавме да го постигнеме во претходните два циклуси. Во првиот за малку не успеавме да се пласираме во баражот, а сега очекувам да го направиме тој решавачки исчекор. Ова е тим кој ќе биде заедно во следните десетина години што значи дека имаме потенцијал да бележиме постојан напредок“, истакна Андонов.

Третиот противник во квалификациската група е Унгарија, која е најквалитетна селекција во групата, но, според Андов, македонските фудбалерки сигурно нема предвреме да истакнат бело знаме и ќе се обидат да направат изненадување.

„Унгарија е главен фаворит за освојување на првото место во групата. Сепак сметам дека и со оваа селекција можеме да бидеме рамноправни особено ако го земеме в предвид контролниот натпревар со селекцијата на Русија кога покажавме дека можеме играме и со селекции кои вбројуваат меѓу поквалитетните на Стариот континент. Со добра подготовка и максимална концентрација на теренот верувам дека и на тие натпревари можеме да бидеме рамноправен противник“, посочи Андов.

Во првиот настап, македонските фудбалерки на трети март во Баку се среќаваат со Азербејџан, а четири дена подоцна во Битола ќе ја пречекаат селекцијата на Андора.

Маркетинг
Ad 4
Ad 4