Општини
Албанскиот претседател Бегај ја посети Општина Чашка
Претседателот на Република Албанија Бајрам Бегај, кој престојува во неколкудневна официјална посета на Македонија, денеска попладне ја посети Општина Чашка каде беше пречекан од неговиот домаќин Саут Шаќиров, градоначалник на Општина Чашка. Оваа е прва посета на претседател на друга држава и прва на претседател на Република Албанија на Општина Чашка.
Градоначалникот Шаќиров потенцира дека заедно со вработените во општинската администрација и жителите на Општина Чашка денеска му посакале топло добредојде на албанскиот претседател Бегај.
–Ова денеска беше историски настан за нас – за првпат Општина Чашка ја посетува еден претседател. На претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај му посакувме топло добредојде во мултиетничка Општина Чашка, потенцира Шаќиров.
Тој информира дека согласно агендата, албанскиот претседател Бегај најпрво бил пречекан од вработените во Општина Чашка, а потоа имале заеднича средба во неговиот кабинет на која разговарале за идна взаемна соработка на повеќе полиња, со акцент во спортот и културата.

Информира дека разговарале за зајакнување на мултиетничкиот дух на Општина Чашка, нагласувајќи за важноста за секој граѓанин, без разлика на националноста, еднакво да биде претставен.
-Ние од оваа средба заедно апелираме до жителите на Општина Чашка за соживат и взаемно разбирање на едни со други.Тука живееме и затоа треба заедно да живееме во духот на толеранција и разбирање, потенцира Шаќиров.
Во знак на пријателство и соработка во дворот на Општина Чашка претседаталот Бегај и градоначалникот Шаќиров засадиле дрвце за пријателство. На овој симболичен чин присуствувале и деца во народна носија – македонска и албанска, ученици од ООУ „Лирија“ од Горно Јаболчиште“ и ООУ „Тодор Јанев“ од Чашка.
Потоа се упатиле во селото Горно Јаболчиште каде оствариле средба со жителите. Претседателот Бегај во неговото обраќање до жителите потенцирал дека тој како претседател на држава посебно внимание им посветува на мултиетничките општини меѓу кои е и Општина Чашка.



