Connect with us

Општини

Перински: Преку 220 милиони евра на располагање за општините – Берово пример за одржлив локален развој

Општина Берово во изминатиот период покажува високо ниво на активност во сите сегменти, со посебен фокус на решавање на инфраструктурните предизвици, истакна министерот за локална самоуправа Златко Перински.

Според него, Министерството за локална самоуправа ќе продолжи активно да ја поддржува работата на општините преку отворен дијалог со градоначалниците, општинските совети и администрацијата, со цел заедничко изнаоѓање решенија за клучните локални проблеми.

-Ќе ги искористиме новите финансиски средства и ќе продолжиме да разговараме за кризите и предизвиците со кои се соочуваат општините, со цел да најдеме одржливи решенија. На располагање се програмите за рамномерен регионален развој и новиот инвестициски циклус, преку кои во наредната година и половина се обезбедени околу 220 милиони евра, на кои општините можат слободно да аплицираат, истакна Перински.

Министерот посочи дека значајна додадена вредност за регионот претставуваат и проектите од програмата за меѓугранична соработка со Бугарија, особено оние кои придонесуваат за развој на туризмот, како што се пешачките и рекреативни патеки.

Перински изрази благодарност за ентузијазмот и посветеноста на локалната самоуправа во Берово и нагласи дека постои реална можност за реализација на уште многу капитални проекти од значење за општината.

Осврнувајќи се на Берово, министерот истакна дека општината располага со огромен природен и туристички потенцијал, кој треба да биде во фокусот на идните развојни политики.

– Како централна власт можеме да помогнеме финансиски, но приоритетите треба да произлезат од самите локални самоуправи. Берово има можност да се позиционира како значајна туристичка дестинација, не само на национално, туку и на регионално ниво, особено со планираното отворање на нов граничен премин, што ќе придонесе за поголема достапност и економски развој на целиот регион, нагласи Перински.

Во тој контекст, градоначалникот на Општина Берово Петар Ружински информираше за имплементацијата на значаен прекуграничен проект со нискојаглеродна компонента, кој се реализира во рамките на Програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Бугарија.

– Станува збор за проект со јасна визија за одржлив, инклузивен и нискојаглероден локален развој во руралните средини. Во партнерство со општините Петрич и Струмјани од Бугарија, како и Струмица, Берово ќе реализира конкретни активности кои директно ќе придонесат за развој на туризмот, изјави Ружински.

Тој појасни дека во рамки на проектот ќе се реконструира 22-километарската оф-роуд велосипедска патека околу Беровското Езеро, како и ќе се изгради современ вело-хаб со сервисни и санитарни содржини.

– Овие инвестиции ќе овозможат зголемување на бројот на посетители, продолжување на туристичката сезона и поттикнување на локалната економија, додаде градоначалникот.

Вкупната вредност на проектот изнесува 1.040.017 евра, од кои 117.735 евра се наменети за активности во Општина Берово, а времетраењето на проектот е 24 месеци.

Ружински упати благодарност до Министерството за локална самоуправа за поддршката, нагласувајќи дека ваквите проекти се од суштинско значење за долгорочниот и одржлив развој на општината и регионот. 

Маркетинг
Ad 3
Ad 1