Свет
Орбан: Го повикувам Зеленски да ја промени својата антиунгарска политика
Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, објави отворено писмо до претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во кое ја критикува неговата политика кон Унгарија и го повикува да го промени пристапот во врска со руско-украинската војна, енергетската безбедност и својата „антиунгарска политика“.
Во писмото, Орбан истакнува дека Украина веќе четири години се обидува да ја „принуди“ Унгарија на поддршка во војната против Русија, со поддршка на Брисел и унгарската опозиција. Тој ја обвини Украина за координирани напори со Европската унија и опозицијата во Унгарија за да постават проукраинска влада.
Четири години работите на тоа да ја присилите Унгарија на војна меѓу вас и Русија. За тоа добивте поддршка од Брисел во изминатите четири години и исто така ја придобивте унгарската опозиција. Исто така гледаме дека вие, Брисел и унгарската опозиција преземате координирани чекори за да донесете проукраинска влада на власт во Унгарија“, наведе унгарскиот премиер, пренесува „Хирадо“.
Орбан посебно се осврна на потегот на Украина кој доведе до блокирање на клучниот нафтовод Дружба, што, како што тврди, го загрозува енергетското снабдување на Унгарија и безбедноста на нејзините граѓани.
Вашите постапки се спротивни на интересите на Унгарија и го загрозуваат безбедното и достапно снабдување со енергија за унгарските семејства“, рече тој.
Тој го повика Зеленски да ја промени „антиунгарската политика“, нагласувајќи дека Унгарија не сака да учествува во војната ниту да ги финансира борбите. Исто така, повика на отворање на нафтоводот и намалување на понатамошните напади врз енергетската безбедност на Унгарија.
Ние, Унгарците, не можеме ништо да промениме поради оваа ситуација во Украина. Жал ни е за украинскиот народ, но не сакаме да учествуваме во војната. Не сакаме да ги финансираме борбите и не сакаме да плаќаме поскапо за енергија“, истакна Орбан.
На крајот го повика Зеленски веднаш да го отвори нафтоводот Дружба и да се воздржи од понатамошни напади врз енергетската безбедност на Унгарија.
Повеќе почит кон Унгарија“, побара Орбан.
февруари 26, 2026

