Connect with us

Култура

Одбележани 80 години од излегувањето на „Македонската граматика“ од Круме Кепески – еден од темелите на македонистиката и на културно-националната самобитност

Осумдесет години од излегувањето на „Македонската граматика“ од Круме Кепески беа одбележани денеска со свечен час на Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.

Деканот, проф. д-р Владимир Мартиновски, појасни дека настанот е во рамките на чествувањето на јубилејот 80 години од основањето на Филолошкиот факултет.

– Првата „Македонска граматика“ на Кепески е еден од клучните учебници, наставни помагала, од кои голем број генерации се воспитувале, ги стекнувале основите на македонската граматика и затоа ова дело претставува еден од темелите на македонистиката и филологијата, поврзани и со процесот на наставата и едукацијата, но, секако, и со развојот на македонистиката како научна дисциплина – истакна деканот.

Проф. д-р Искра Пановска-Димкова, раководителка на Катедрата за македонски јазик, нагласи дека првата „Македонска граматика“ на Кепески е дело што претставува еден од столбовите на современиот македонски литературен јазик и историски документ од прв ред во културно-националната самобитност на нашиот народ. Излегувањето на оваа граматика во 1946 година, како што пососчи, не било само научен чин, туку и чин на јазично и културно раѓање.

– Во услови кога по ослободувањето се градат државноста, образованието и јавниот живот, кога македонскиот јазик, конечно, е признат како службен јазик во нашата држава, потребата од кодифицирана граматичка норма била и итна и суштинска. Кепески ја препознал таа насушна потреба и со длабоко чувство на одговорност, но и со голема визија, ја презел работата врз ова пионерско дело што денес го чествуваме. Работејќи интензивно во текот на 1945 година, тој ја создава првата синтеза на македонската граматичка структура потпирајќи се врз претходните истражувања на централните дијалекти, врз сопственото познавање на прилепскиот говор и врз јасната историска свест за развојниот континуум на нашиот јазик – нагласи Пановска-Димкова.

Додаде дека „Македонската граматика“ на Кепески се јавува веднаш по ослободувањето кога печатени текстови на македонски јазик има многу малку и со тоа претставува пример за научна истрајност, за творечка храброст и за силна посветеност кон сопствената културна заедница.

Пановска-Димкова истакна дека „Македонската граматика“ веднаш била препознаена како фундаментален труд, најнапред кај домашната јавност, каде што тиражот се исцрпил за кратко време, а потоа и кај меѓународните слависти. За неа биле дадени силни позитивни оценки препознавајќи ја како научен доказ за посебноста и зрелоста на македонскиот јазик.

Денес, рече таа, осум децении подоцна, ние не се навраќаме само на една книга. Се навраќаме на научната реалност претставена во неа: дека македонскиот јазик има сопствен граматички систем, сопствена структура и сопствено културно наследство, дека овој јазик е создаван низ вековите и заслужува да биде проучуван, негуван и унапредуван.

– Оттука, од името на Катедрата за македонски јазик, со гордост истакнувам дека Кепески остави не само граматика туку и пример како се служи на сопствениот народ со знаење, интегритет и посветеност. Нашата задача денес е да го продолжиме тој дух – да ја чуваме научната традиција, да го развиваме јазикот во чекор со времето и да останеме непоколебливи во зачувувањето на неговиот идентитет зашто јазикот е живо културно наследство, што треба да го градиме и да го браниме сите заедно – посочи Пановска-Димкова.

Проф. д-р Димитар Пандев истакна дека граматиката на Kепески се јавува спроти времето на описните граматики. Во тој контекст, подвлече тој, со граматиката на Кепески започнува самостојното постоење на македонскиот јазик.

Проф. д-р Јованка Кепеска рече дека „Македонската граматика“ од Кепески е секако историско првенче, има и национални и културни придобивки.

– Тенденција на сите народи е да создадат граматика, односно да ги изучат законитостите на јазикот, рече Кепеска.

Маркетинг
Ad 3
Ad 1