Connect with us

Вести

Мицкоски до Филипче: ВМРО-ДПМНЕ, и по 2028, ќе ја формира следната влада

И по 2028, ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери ќе ја формираат следната влада, а не гледам како вие со вакви ненародни политики и со тоа што претставувате меко ткиво ќе можете да добиете или да повратите дел од изгубенте гласачи – рече денеска премиерот Христијан Мицкоски во одговор на прашање од пратеникот и претседател на СДСМ, Венко Филипче.

Филипче го праша премиерот кој е Душан Адамовиќ, зошто е поставен за конзул во Белград и дали има лична релација со него, а изнесе критики со потпрашања за барањата за зголемување на платите забележувајќи му дека рекол оти треба да се почитуваат законите, но направил линеарно зголемување на пензиите. Филипче претходно му рече на Мицкоски дека „под негова директна команда, пратениците на мнозинството ги оставиле работниците без заслужено зголемување на платите“, како и дека „се чувствува кризата во сите сегменти во земјоделствто, аупати критики и за состојбата во енергетиката, евроинтеграциите, за новиот закон за високо образование. 

Мицкоски рече дека оваа Влада ги покачила пензите и договорила раст на платите со партнерите во јавниот сектор и потенцира дека ќе продолжи да работи во интерес и на пензионерите и на работниците.

– Жал ми е што не ја научивте лекцијата и удирате повторно по луѓето што за време на транзицијата, некои ваши претходници, кои денеска се пензионери, ги оставија на улица, и повеќето од нив станаа транзициски херои ограбувајќи го народниот имот на граѓаните, а стотици луѓе на улица како технолошки вишок и, за жал, пред доаѓањето на оваа Влада нивните пензии беа катастрофални, но со доаѓањето на оваа Влада пензиите сè уште не се во онаа кондиција онака како што заслужуваат и колку можевме во рамките на можностите успеавме да заштедиме одредени средста и на пензионерите да им ги покачиме пензиите – рече Мицкоски.

Тој дополни дека последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат оти просечната плата за минатата година е зголемена за 9,6 проценти, што, посочи, не е доволно и треба да се зголеми, но оти тоа се можностите што сега ги имаме како економија и Влада, во смисла на она што е договорено во јавниот сектор до 2028 година, до кога оваа Влада има добиено мандат од граѓаните.

– По ова, ќе видиме, иако еве уште сега ви кажувам дека, и по 2028 година, ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери ќе ја формираат следната влада, а за жал, со вакви ненародни политики што ги имате и претставувате меко ткиво на македонскиот идентитет и македонската политичка сцена, со вакви мекотелни изјави и прашања што сега ги поставувате, не гледам како ќе можете да добиете или да повратите малку од онаа супстанција што ја изгубивте кај македонските гласачи – рече Мицкоски.

Осврнувајќи се во состојбите во земјоделството, потенцира дека земјоделците цела 2025 година добиваат цени кај инпутот во негатива, а кај аутпутот во позитива, како и дека од Македонија лани извезени се 450 милиони евра земјоделски производи, а увезени се 220 милиони евра, што, посочи, е 30 проценти повеќе од претходната година.

На критиките од Филипче за предлог-законот за високо образование, Мицкоски наведе дека немаме универзитет во првите 2000 според Шангајската ранг-листа затоа што, како што рече, со закон, кој на шверцерски начин го донела поранешната министерка за образование Рената Дескоска, сега може да се стане редовен професор откога ќе се објават шест труда.

– Го уништивте образованието. Денес бараме секој професор што добива од 120.000 до 140.000 денари плата, благодарение на оваа Влада, да си ја врши својата работа, односно да објавува трудови во квалитетни списанија, со фактор на влијанија и кои се во базата на податоци. Треба да пишуваат затоа што ги осакатуваме децата, нашите студенти, и затоа најдобрите одат во Љубљана бидејќи тамошните универзитети организираат саеми тука и им нудат стипендии. Ќе се бориме со тоа. Таа е политиката. Ќе си ги вратиме децата дома. Ако за ова треба да паднам од Владата, ќе паднам – порача Мицкоски.

За критиките од опозицијата за блокадата на евроинтеграцијата, Мицкоски истакна „за ЕУ нема да водиме мекотелна политика“.

– Вие сте мекото ткиво. Сè додека давате вакви изјави, ќе имаме политичари од Бугарија што ќе знаат дека имаме меко ткиво во македонскиот национален идентитет и ќе се обидуваат секогаш да играат на картата на помал отпор. Не можете да постигнете ништо со тоа. Ќе останете запаметен во историјата како човекот што бил мекото ткиво од партијата што била мекото ткиво на македонскиот национален идентитет. Не ви го советувам тоа. Знаете што значи да останете запаметен во историјата, од Охрид сте, знаете точно што сакам да кажам, кој и како ги предавал моштите – наведе Мицкоски.

Му порача на Филипче дека Владата и во енергетиката може да ѝ одржи лекција на опозицијата и го покани да одат заедно на терен за да види реализација на приватна инвестиција од половина милијарда долари, но посочи „вие сте навикнати на македонски инвестиции во Грција во соларни електрани“. 

– Кога велите дека не знаете кои прашања да ги поставете, јас мислев ќе поставите прашање која е најдобра песна од Харис Џиновиќ следен пат кога ќе бидете во Дубаи таа да ја нарачате или, пак, ќе прашате дали бевте добро исончан на една јахта што крстареше околу егејските плажи, но очигледно сте ги заборавиле тие прашања. Или, пак, ќе сакате да да ве потсетам која е компанијата „Стабри“, која требаше да ги набавува вакцините кога бевме држава со најголема смртност во Европа поради ковидот или ќе ми поставевте прашање зошто не бевте во обвинителниот акт за модуларната болница кога гореа живи луѓе во Тетово – рече Мицкоски посочувајќи му на Филипче за Адамовиќ да го праша поранешниот министер за правда во претходната влада.

Маркетинг
Ad 2
Ad 3