Општини
Амбасадорката на Холандија Узлем Џанел во Кочани, се сретна со градоначалникот Грозданов
Градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов, денеска оствари средба со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел.
-На средбата се разговараше за актуелната состојба во Кочани, со посебен акцент на предизвиците во периодот на закрепнување, како и за можните облици на понатамошна поддршка и продлабочување на соработката меѓу Општината и холандските партнери, информира службата за комуникации на локалната самоуправа.

Во информацијата се наведува дека амбасадорката Џанел истакнала дека Кочани и регионот се препознатливи по присуството на холандски инвеститори, кои во наредниот период ќе настојуваат, покрај економската активност, да понудат и конкретни социјални мерки.
-Тие мерки ќе бидат насочени кон интеграција на повредените лица во стопанскиот сектор, преку создавање можности за вработување, преквалификација и долгорочна економска стабилност, стои во информацијата.

Грозданов се заблагодарил за континуираната поддршка од Холандија и за подготвеноста за размена на искуства во справувањето со последици од трагедии.
Грозданов и Џанел покажале подготвеност за понатамошна соработка, особено во делот на економски развој, социјална инклузија и унапредување на безбедносните стандарди, со цел Кочани да изгради посигурна иднина за своите граѓани.
февруари 26, 2026

