Вести
Мерко бил подложен на оперативен зафат: Одложени судските рочишта за плочата и осветлувањето на Дрим
Струшкиот суд денеска ги одложи двете рочишта против поранешниот градоначалник на Струга, Рамис Мерко. Предметите се однесуваат на поставувањето на спомен-плоча на влезот од општинската зграда и на склучениот договор за осветлување на дел од речното корито на Црн Дрим, пренесе МИА.
Судијата Јордан Јованов објасни дека причината за одлагањето е привремена спреченост на обвинетиот поради оперативен зафат.
Претходно, рочиштата во ноември беа одложени поради отсуство на адвокатот на Мерко, за што Судот изрече парични казни од по 1.000 евра за секој предмет. Одлагања имаше и во декември, а ново рочиште е закажано за почетокот на април.
Случајот со плочата е во завршна фаза. Според обвинението, Мерко во март 2024 година поставил спомен-обележје на општинската зграда, со што поттикнал етничка омраза и раздор меѓу жителите, што претставува кривично дело според Законот за меморијални споменици и обележја.
февруари 25, 2026

