Економија
Макам-транс: Алтернативен граничен премин за превозниците наместо Ќафасан до надминување на проблемот
Асоцијацијацијата Макам-транс соопшти дека од денеска напладне до 22:00 часот и секој нареден ден до надминување на проблемот со затворениот патен правец во Албанија поради оштетување на мост ќе бидат пропуштани товарни моторни возила (празни и полни) од албанска страна на граничниот премин Блато. Фитосанитарниот преглед за товарните возила ќе може да се направи до 18:00 часот.
Поради големо свлечиште и оштетувања на коловозот, како и оштетувања и поместување на мостот на делницата Либражд – Прењас, кои се дел од Коридорот 8, сообраќајот од Ќафасан кон Албанија е блокиран од неделата поради што голем број камиони се заглавени на преминот.
Макам-транс напоменува дека товарените возила со себе треба да имаат кантарски белешки од местото на утовар или при влез во Албанија да имаат нивна кантарска белешка затоа што на Блато нема вага. Исто така, сите кои ќе влезат со полни возила, претходно да побараат од назначената шпедитерска куќа да ги внесат податоците во царинскиот систем за да може цариникот да ги спореди податоците, затоа што на Блато нема шпедитери кои би ги изработувале документите.
– Сите кои превезуваат производи кои подлежат на ветеринарен преглед или се работи за акцизна стока ќе мора да го користат граничниот премин Блаце како премин за влез во државата, се вели во информацијата од Макам-транс, споделена преку соцјалните мрежи.
Генералниот директор на Царинската управа на Албанија, Бесмир Беја, претходно информира дека сè додека не се подобри состојбата на патниот правец граничен премин Ќафасан – Елбасан, делница Либражд – Прењас, одлучено е да се користат алтернативни гранични премини.
– Стоката што влегува на албанска од македонска територија или од други земји преку овој премин ќе се обработува преку царинската филијала на граничниот премин Блато кај Дебар. Преземени се сите потребни мерки за задоволување на логистичките потреби и зголемување на царинскиот персонал, со цел справување со зголемениот проток и што побрзо завршување на царинските процедури – рече Беја.
февруари 25, 2026

