Општини
Засадени 82 садници на Голак во чест на Февруарскиот поход
Со засадување на 82 садници покрај спортското игралиште на планината Голак, денеска беше одбележана 82-годишнината од Февруарскиот поход – една од најзначајните операции на македонската антифашистичка борба во Втората светска војна.
Активноста се реализираше во рамки на свеченоста организирана од Општина Делчево, која се одржа кај спомен-плочата посветена на Февруарскиот поход на Народноослободителната војска на Македонија. Походот, реализиран во февруари 1944 година, опфатил оперативни дејства на територијата на Источна, Централна и Западна Македонија, при што дел од маршрутата на Третата борбена единица минувала и преку планината Голак, како и Беласица, Плачковица и Осогово.
Во чест на годишнината, членови на КУД „Гоце Делчев“ изведоа рецитал со кој потсетија на историските настани и значењето на Походот, по што следуваше положување свежо цвеќе пред спомен-обележјето. Почит оддадоа делегации од локалната самоуправа, Советот на Општина Делчево, политички партии и здруженија на граѓани.
Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, истакна дека Февруарскиот поход претставува симбол на истрајноста и храброста на македонските борци и има исклучително историско и воено значење.
– Борците од Третата борбена единица, минувајќи околу 400 километри во екстремно тешки зимски услови, ја потврдија масовноста и организираноста на антифашистичкото движење во Македонија. Овој поход е траен потсетник на пожртвуваноста и борбата за слобода, чие наследство сме должни да го негуваме и пренесуваме на идните генерации, изјави Гоцевски.
Со симболичното пошумување, како што беше истакнато на настанот, се создава жив споменик кој ќе ја чува меморијата за жртвите и подвигот на учесниците во Февруарскиот поход, како и нивниот придонес во борбата за слобода и независност.
февруари 24, 2026

