Connect with us

Општини

Перински на увид во прекуграничниот проект „Урбано зеленило за здраво дишење“ во Куманово

Министерот за локална самоуправа Златко Перински, градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски и директорот на Центар за развој на североисточен плански регион Младен Протиќ денеска извршија увид на ИПА проектот „Урбано зеленило за здраво дишење“, од Програмата Interreg (VI-A) ИПА Бугарија – Македонија по приоритет 1 „Позелен пограничен регион“ во средното училиште „Перо Наков“.

Во рамки на инвестицијата „Зелена урбана површина и заедничка градина во Куманово“, во СОУ „Перо Наков“ поставени се летниковци, украсни канделабри, клупи, корпи за отпадоци и пешачка патека. На локација „Октомвриска револуција“ насадени се дрвја и изработен дренажен канал кај спортската сала. Проектните активности ќе продолжат да се спроведуваат и на булеварот „3 МУБ“, плоштад „Маршал Тито“ и ЈУОУД „Проф. Мијалковиќ“, а ќе бидат уредени и мали урбани градини на трите кружни текови.

– Од буџетот одвојуваме 15 проценти за кофинансирање за сите овие проекти коишто локалните самоуправи, регионите ги спроведуваат имплементираат на име на оваа програма. Овој проект е дел од приоритетот еден, во пограничната соработка со Бугарија во делот на обезбедување на позелен пограничен регион и навистина ми е посебно драго и посебно сум горд што ги имаме вакви проекти коишто се имплементираат, а се насочени кон подобрување и заштита на животната средина – изјави министерот Перински.

Посочи дека во рамки на караванот „Каде што срцето е дома“ како ресорно Министерство оваа посета на Куманово ја искористиле отворено да поразговараат со градоначалникот, со општинската администрација, со членовите на Советот да ги разгледаат сите можности, сите предизвици коишто ги има општина Куманово и да се најде решение за нивно надминување.

-Јас сум цврсто убеден дека како и досега во изминатите неколку години, така и отсега ќе наоѓаме можности за реализација и имплементација на проекти коишто соодветствуваат исклучиво кон потребите на граѓаните – рече Перински.

Тој е задоволен од градоначалникот и неговиот тим за посветеноста при реализацијата на проектите, важни за граѓаните, очекувајќи дополнителни проекти во иднина.

Во рамки на проектот ќе се изградат дождовни градини и ќе се воведат одржливи системи за одводнување, со што ќе се подобри управувањето со дождовните води, намалувајќи го ризикот од локални поплави, а ќе бидат засадени и 740 декоративни цвеќиња.

За градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски ова е еден од многуте проекти коишто планира во иднина да ги реализира, бидејќи можностите на Куманово за прекугранична соработка се големи. Тој кажа дека освен со Бугарија, прекугранични проекти се реализираат и со Косово и Србија.

– Верувам дека и во иднина останатите проекти исто така ќе бидат одобрени што се однесува до мене како градоначалник мојата обврска е само секојдневно да ги подобрувам животните услови на нашите граѓани и секако ја поздравуваме и финансиската поддршка на Владата што со историски износи интервенираше од државниот буџет за директна помош на општините. Во 2024 добивме три проекти во 25-та година добивме над 27 проекти, веќе разговараме и оние проекти коишто беа спорни да се изнајдат дополнителни средства за финансирање, како што е проектот којшто ќе биде изградба на првиот мост на територија на општина Куманово тоа е на локацијата во Довезнеце на Крива Река и дополнително и за детската градинка којашто треба да биде во „Зелен рид“ и уште голем број на други проекти. Мислам дека само со добра соработка на релација централна-локална власт можат да бидат надминувани секојдневните проблеми на граѓаните. Од овде ќе апелирам до граѓаните да имаат трпение, бидејќи локалната власт во соработка со централната власт првенствено е насочена како и на кој начин да ги реши големите, наталожени, децениски комунални и инфраструктурни проблеми и во Куманово и во државата – изјави Димитриевски.

Директорот на Центарот за развој на североисточниот плански регион, Протиќ очекува успех во реализацијата на овој проект до крајот на годинава, посочувајќи дека носител на проектот е Ќустендил. Во Куманово се работи на пет локации во градот „Октомвриска револуција“ каде што веќе се насадени 220 високо-квалитетни дрвја над два метри, на „Трета МУБ“ каде се насадени 130, во средно училиште економско училиште ќе има десет садници, во техничкото училиште 16 садници.

– Имаме еден зелен ѕид на плоштадот „Маршал Тито“ кој ќе ја спречува прашината од сообраќајот на шеталиштето на градскиот плоштад така што се надеваме дека сите активности ги завршиме до крајот на годинава квалитетно и позитивно – изјави Протиќ.

Во рамките на караванот „Каде што срцето е дома“ министерот Перински оствари средба со Дмитриевски во општина Куманово. На средбата како што наведуваат од општината присуствувал и државниот советник за ЕУ, Стефан Вангелски, и се разговарало значајни прашања за просперитет на граѓаните и за понатамошниот развој на Општината, со акцент на конкретни решенија и искористување на механизмите за поддршка. На средбата со членовите на Советот и општинската администрација разговаравме за ресурсниот центар, зајакнување на локалните капацитети, поддршка на проекти, поттикнување на меѓуопштинска соработка и подобрување на услугите за граѓаните. 

Маркетинг
Ad 4
Ad 1