Општини
Во Дебарско минатата година 33 разводи, миграциските процеси и социјалните проблеми главни причини
Во општините Дебар и Центар Жупа, по речиси две децении нагорна линија, бројот на разводите за првпат минатата година бележи намалување, регистрирани се 33 разводи, што е помалку во споредба со претходните години.
Претседателот на Основниот суд во Дебар, Мерсим Марку, вели дека иако има намалување на бројот на разводи, овој општествен феномен останува загрижувачки доколку се има предвид бројот на жители.
– Во последните години, просечниот број на разводи во двете општини е од 45 до 50 разводи. Лани регистрирани се само 33 разводи, што значи дека има намалување на разводите. Поголемиот број од разводите се во Дебар, додека помал во руралните населени места. Миграциските процеси и социјалните проблеми се главните причини поврзани со разводите, нагласува Марку.
Според него, разводите на млади сопружници се особено застапени, особено во случаите кога млади лица од овој регион стапуваат во брак со партнери кои живеат во странство.
– Различните карактери на партнерите претставуваат проблем во многу бракови. Од друга страна, сиромаштијата и социјалните проблеми во семејствата кои живеат од социјална помош, каде што често се стимулираат алкохолот, коцкањето и други негативни појави, се исто така главни причини кои директно влијаат на зголемувањето на разводите, објаснува тој.
Дополнителен проблем, додава, се појавува кај случаите кога брачните другари имаат деца а тоа е неплаќањето алиментација за децата по разводот. Ова е сериозен проблем, нагласува тој, бидејќи има случаи кога по разводот, родителите, односно татковците, не плаќаат алиментација за деца, а има и случаи кога поради неплаќање алиментација се принудени да одат во затвор.
Во третирањето на барањата за развод, Марку е задоволен од соработката со надлежните институции, Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, но и со други институции. Во Центарот се спроведуваат прелиминарни активности пред разводот, кои во некои случаи влијаат и на помирувањето на брачните другари. Постојат активности предвидени со закон дури и по разводите, кога се јавуваат проблеми со контактот на родителите со децата.
февруари 18, 2026

