Регион
Курти: Земјата, независноста и Уставот се нови, но јазикот, културата и народот на Косово се древни
Косовскиот премиер Аљбин Курти, денеска, на свечената седница на владата, посветена на 18-годишнината од прогласувањето на независноста на Косово, изјави дека државата, независноста и Уставот се нови, но дека јазикот, културата и народот на Косово се древни.
Курти ги спомена и поранешните водачи на ОВК, кои се судат пред специјализираните совети во Хаг и рече дека „прогласувањето за независноста не може да се памети, без да се споменат оние што придонеле за изградбата на државата“.
„Нашата земја е изградена и се залага за вредностите на слободата и демократијата, еднаквоста и правдата, просперитетот и инклузијата. Секој граѓанин, без оглед на јазикот, етничката припадност, религијата или потеклото, е еднаков пред законот. Не можеме, а да не се сетиме дека претставниците што учествуваа во прогласувањето на независноста на Републиката се неправедно приведени денеска во Хаг, придонесот на секој од нив кон слободата и независноста е вреден и историјата ќе биде таа што ќе ја донесе вистинската пресуда“, рече Курти.
На почетокот на новиот мандат на владата Курти рече дека ги очекуваат многубројни задачи и дека „целта што ја имаат пред себе е возвишена“.
Тој оцени дека Косово, како држава и општество, постигнало многу во текот на 18 години и го спомена зајакнувањето на владеењето на правото, економијата, меѓународните победи во спортот, уметноста и културата, безвизното патување и поднесувањето апликации за членство во Европската Унија и Советот на Европа.
февруари 18, 2026

