Општини
Министерството за локална самоуправа објави повик за зголемување на регионалната конкурентност
Министерството за локална самоуправа објави јавен повик за финансирање предлог-проекти насочени кон намалување на диспаритетите меѓу и во рамките на планските региони и зголемување на регионалната конкурентност за 2026 година по одделни мерки и активности за поттикнување рамномерен регионален развој.
– Целта на повикот е доделување средства на проекти што ќе придонесат кон намалување на разликите во степенот на развиеност меѓу регионите, јакнење на регионалната конкурентност и поттикнување на локалниот развој преку искористување на сопствените потенцијали – информираа денеска од Министерството за локална самоуправа.
Како приоритетни за 2026 година се наведени развојот на современа и модерна инфраструктура во планските региони, препознавањето и искористувањето на конкурентските предности на планските региони, подобрувањето на енергетската ефикасност на јавните објекти и користење обновливи извори на енергија.
– Вкупниот износ на средства предвидени за финансирање проекти изнесува 74.840.000 денари. Овие средства се предвидени во програмата за намалување на диспаритетите меѓу и во рамките на планските региони и зголемување на регионалната конкурентност за 2026 година – појаснија од Министерството за локална самоуправа.
Право на поднесување предлог-проекти имаат центрите за развој на планските региони, општините, општините во градот Скопје, Град Скопје, јавните претпријатија и јавните установи основани од државата, од општините, од општините во градот Скопје и од Град Скопје, високообразовните и научните институции и здруженијата.
Рокот за поднесување апликации е во текот на 2026 година, односно до искористување на расположливите средства.
Повикот со условите и критериумите е достапен на веб-страницата на Министерството за локална самоуправа.
февруари 17, 2026

