Connect with us

Вести

Андоновски: Вештачката интелигенција нема да ги замени луѓето – но луѓето што ја користат ќе ги заменат оние кои не ја користат

Вештачката интелигенција не ги заменува луѓето, туку луѓето што ја користат ќе ги заменат оние кои не ја користат. И во јавниот и во приватниот сектор. Таа помага работите да се извршуваат побрзо, поефикасно, поточно, анализите систематично да се прават побрзо, текстовите да се подготвуваат побрзо.

Ова денеска во Собранието го изјави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски каде учествуваше на јавната расправа посветена на извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за подготвеноста на јавниот сектор за примена на вештачка интелигенција.

Министерот нагласи дека вештачката интелигенција е ресурс што може значително да ја подобри ефикасността на институциите, но дека човечкиот фактор останува клучен, особено во делот на вредносните и етичките одлуки.

Тој посочи дека во неговото министерство веќе се користат различни модели на вештачка интелигенција, но дека тоа не довело до укинување работни места, туку до побрзо и поефикасно извршување на задачите.

Андоновски истакна дека Владата има стратешки пристап кон развојот на технологијата, преку вградување на вештачката интелигенција во националните стратешки документи и преку формирањето на Националниот центар за вештачка интелигенција, финансиран со државни средства и поддржан од Европската Унија и академската заедница. Како клучна активност ја посочи изработката на македонски јазичен модел, со кој ќе се обезбеди поголема прецизност при обработката на македонски текстови и контекст.

Прашан дали вештачката интелегенција може да ги замени финкционерите како што има Албанија еден таков министер, Андоновски рече дека тоа е погрешен чекор и дека затоа што граѓаните гласаат за некого што има вредносен систем, што има политички профил, што треба да носи одлуки. 

– Сè уште сметам дека луѓето треба да ги водат овие процеси, особено во политиката, нагласи Андоновски.

Главниот државен ревизор Максим Ацевски го претстави ревизорскиот извештај, кој го опфаќа периодот 2019–2024 година и ги анализира институциите релевантни за развојот и употребата на вештачка интелигенција.

-Клучното прашање што го поставуваме е дали јавниот сектор е подготвен за примена на вештачката интелигенција. Во извештајот се анализирани стратешката рамка, законската основа, човечките ресурси и заштитата на личните податоци, истакна Ацевски.

Тој посочи дека во претходните години биле вложени околу 6,1 милион евра во 48 проекти поврзани со оваа технологија, но дека тие не биле имплементирани во јавниот сектор.

Ацевски оцени дека државата треба да воспостави јасен регистар на проекти, да инвестира во современ хардвер, обучување на кадарот и во други предуслови за ефективна примена на технологијата. Додаде дека јавната расправа придонесува за зголемување на свеста за значењето на вештачката интелигенција и за унапредување на услугите што институциите ги даваат на граѓаните. 

Маркетинг
Ad 2
Ad 3