Останати спортови
ЗОИ2026: Финска го врати дома селекторот во скијачки скокови поради алкохол
Финскиот олимписки комитет објави денеска дека нивниот селектор во скијачки скокови, Словенецот Игор Медвед, е разрешен од натамошен ангажман на Зимските олимписки игри (ЗОИ)2026 поради консумирање алкохол, а 44-годишниот тренер, кој веќе го напушти олимпиското село во Предацо, се извини за своите постапки.
„Медвед денеска се врати дома, а прашањето е поврзано со консумирање алкохол. Прекршувањето на правилата на нашиот тим го сфаќаме сериозно и веднаш реагиравме“, изјави шефот на Финскиот олимписки комитет, Јане Ханинен.
Шефицата на Финската скијачка асоцијација, Марлена Валтасола, објави дека случајот ќе добие разрешница по завршувањето на ЗОИ 2026, бидејќи станува збор за однесување кое „ги прекрши правилата и вредностите“ на финскиот олимписки тим.
Од своја страна, Медвед експресно изрази извинување.
„Направив грешка. Многу ми е жал. Сакам да им се извинам на целиот фински тим, на спортистите и навивачите“, рече тој, додавајќи дека нема да коментира понатаму за ова прашање.
Медвед ја презеде финската репрезентација на почетокот од минатата сезона, а пред да се пресели во Финска, ја водеше словенечката Б-репрезентација во скијачки скокови.
февруари 12, 2026

