Скопје
Почна да се гради училишна спортска сала во ООУ „Димо Хаџи Димов“ во Влае
Во ОУ „Димо Хаџи Димов“ во Влае денеска беше поставен камен-темелник на училишна спортска сала, која се планира да се гради на површина од 1.400 квадратни метри и да има капацитет за 400 гледачи. Ќе биде повеќенаменска, односно за разни спортови, и опсвен за настава по физичко образование на учениците, за тренинзи ќе може да ја користат и спортските клубови од општина Карпош.
На настанот беше премиерот Христијан Мицкоски, кој изјави дека објектот добива физиономија по деблокираната процедура за изградба.
– Беше заглавена изградбата, а со тоа и проектот сам по себе, но еве гледате за колку кратко време, можеби една-две недели, веќе почнува да се извишува. Тоа е добро затоа што е дел од образовниот процес, добро е што жителите на овој дел од градот ќе може да ја користат оваа спортска сала и најважно што учениците од ООУ „Димо Хаџи Димов“ ќе имаат современ спортски објект во кој ќе може да се натпреваруваат во кошарка, ракомет и во други спортови. Геометријата на самиот проект одговара на барањата и потребите на врвните федерации и тоа посебно треба да се истакне за овој проект – изјави Мицкоски додавајќи дека по успешно завршените подготвителни активности, проектот е препуштен на компанијата изведувач.
Министерката Весна Јаневска изјави дека новото раководство на Општина Карпош покажува дека образованието ќе му биде еден од приоритетите.
– МОН ќе продолжи да ги поддржува сите проекти – како од повикот на Владата за инфраструктурни промени во општините, така и со свои проекти. Така, во ова училиште „Димо Хаџи Димов“ во март ќе почне изградбата на уште седум училници заради одржување едносменска и целодневна настава. Заедно продолжуваме со градежната офанзива и уште едно училиште во општината – „Петар Поп Арсов“ – ќе добие дополнителни училиници за да може да се спроведува едносменска и целодневна настава – посочи Јаневска.
Соопшти дека во тек е реконструкцијата на 30 училишни спортски сали и дополнително 30 почнуваат да се градат во училиштата во кои е неопходно.
– Она што го ветивме пред изборите во сите општини, вклучувајќи ја и општина Карпош, почнуваме сериозно да го исполнуваме – додаде министерката за образование и наука.
Градоначалникот на Карпош, Сотир Лукровски, во изјава за медиумите нагласи дека поставуваат нови стандарди за да покажат дека Карпош „умее во инвестиците и прави сè за иднината, пред сè, на нашите најмали сограѓани“.
– Оваа спортска сала е алтернатива на улицата за младината. Децата ќе имаат современи услови за настава по физичко образование, а клубовите од општината добиваат можност да имаат тренинзи со кои ќе дојдат до врвни спортски резултати. Салата се гради по сите европски нормативи и според стандардите на меѓународните спортски федерации – изјави Лукровски.
Градоначалникот посочи и дека Општината има уште многу вакви проекти и се надева дека сите успешно и во рок ќе бидат завршени.
февруари 12, 2026

