Connect with us

Вести

Неповолен ревизорски извештај за 2024: Во депоата на Државниот архив нема услови за заштита на архивскиот материјал

Слабости во пописот на побарувањата и обврските, неправилности во остварувањето на приходите, давање попусти и подароци, исплаќани надоместоци без законска основа, плаќање данок на додадена вредност за услуги поврзани со основната дејност и слабости во спроведувањето и реализацијата на јавните набавки, констатира Државниот завод за ревизија (ДЗР) во ревизорскиот извештај за Државниот архив на Република Северна Македонија..

Во Извештајот објавен денеска, ДЗР изразува неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи на Архивот, како и за усогласеноста со законската регулатива, упатствата и воспоставените политики.

Со ревизијата е констатирано и неисполнување на основните услови што треба ги поседуваат депоата на Државниот архив за да се заштити архивскиот материјал, како и условите за заштита од неовластен пристап до архивскиот и документарен материјал. Исто така, не се вршело ажурно и хронолошко евидентирање на движењето на залихите на публикуваните изданија. 

За надминување на утврдените состојби се дадени препораки со цел преземање мерки и активности од надлежните лица и органи. 

-Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Државниот архив на Република Северна Македонија за 2024 година. Со извршената ревизија за 2024 година изразивме неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставените политики. Извршена е ревизија и издаден е извештај за финансиските извештаи и за усогласеност со закони и прописи на Државниот архив на Република Северна Македонија за 2016 година. Изразено е неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста на активностите, финансиските трансакции и информации со релевантната законска регулатива. Во 2018 година извршена е проверка на спроведувањето на препораките презентирани во Конечниот извештај на овластениот државен ревизор за 2016 година и издаден е преглед за статусот на спроведувањето на препораките. Од содржината на презентираните податоци во прегледот, ревизијата констатира дека дадените три препораки се спроведени, наведува ДЗР.  

Информира и дека од одговорните лица на Државниот архив биле доставени забелешки на Нацрт-извештајот за периодот што е предмет на ревизија.

-Забелешките се разгледани и е констатирано дека дел од нив не се прифаќаат зашто не се доставени нови докази за промена на утврдените состојби. Дел од забелешките претставуваат известување за причините за констатираните состојби, а дел се известување за мерките што ќе се преземат за надминување на утврдените состојби со донесување на новиот Закон за архивски материјал и архивска дејност, напоменува ДЗР.  

Маркетинг
Ad 3
Ad 4