Регион
ЕУ нема да го поддржи гасоводот „Јужен интерконектор“ во Босна и Херцеговина
Европската Унија нема да поддржи никакви потенцијални инвестиции во Босна и Херцеговина поврзани со проекти за фосилни горива, вклучително и планираниот „Јужен интерконектор“. Ова го објави денеска делегацијата на ЕУ во Сараево, цитирана од дневниот весник „Независне новине“, објавен во Бања Лука.
Во своето соопштение Брисел нагласува дека поддршката треба да биде насочена кон проекти базирани на обновливи извори на енергија, а изградбата на нови гасоводи не спаѓа во оваа категорија.
„Енергетската политика на ЕУ се базира на транзиција кон чиста енергија и постигнување климатска неутралност до 2050 година. Ова е клучен елемент од процесот на пристапување во ЕУ, како и значајна можност за модернизација на енергетскиот сектор, привлекување инвестиции и подобрување на долгорочната енергетска безбедност на Босна и Херцеговина“, се наведува во соопштението.
Проектот предвидува нов гасовод од Загвозд во Хрватска до Посушје во Херцеговина, со краци до Мостар и Нови Травник, што би овозможило пристап до терминалот за течен природен гас на островот Крк и можност за снабдување со течен гас од САД. Цената на проектот се проценува на речиси 500 милиони евра, а властите имаат цел гасоводот да биде оперативен до крајот на 2027 година.
Делегацијата на ЕУ нагласи дека нема намера да го поддржи проектот и потсети дека земјата не може да се потпре на финансирање за иницијативи што ја зголемуваат зависноста од фосилни горива и се спротивставуваат на климатските цели.
Според европската стратегија за климата, природниот гас се третира како преодно решение и замена за јагленот, но неговата употреба треба да се ограничи откако земјата ќе има доволно обновливи извори на енергија.
февруари 12, 2026

