Економија
Просечната кошничка ќе биде најмалку 10% пониска од синдикалната, изготвена е, се чека одговор од синдикатите и работодавачите
Просечната потрошувачка кошничка е изготвена уште минатата година, но се уште, повеќе од шест месеци, се чека одговорот од синдикатите и работодавачите – да кажат дали е во ред или имаат некакви сугестии кои можеби би требало да се вградат во неа.
Како што рече вечерва заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, просечната кошничка ќе биде најмалку 10 отсто пониска во однос на синдикалната и од неа се исклучени цигарите, тутунот, алкохолот и станарината.
Според Ристески, синдикатите ја пресметувале синдикалната кошничка врз основа на цените од еден или два маркета, ги земале предвид сезонските овошја и зеленчук кои не се карактеристични за соодветните периоди, а ја калкулирале и киријата. Притоа, податоците не се однеусвале за цел месец, туку кошничката се пресметувала на 20-ти во месецот. Како што рече, тоа го правеле за да вршат синдикален притисок во јавноста и врз Владата за зголемување на платите.
-Потрошувачката кошничка е изготвена уште во првиот дел минатата година, на 30 јули на Економско-социјалниот совет (ЕСС) ја дадовме на увид на синдикатите и работодавачите и се уште очекуваме одговори од нив, еве, повеќе од шест месеци, да кажат дали е во ред или имаат некакви сугестии што би требало да се вградат. Кога тоа ќе го направат, ќе ја поставиме на ЕСС и ќе почнеме да ја пресметуваме. Ние имаме направно пресметка и има разлика во однос на синдикалната кошничка. Просечната потрошувачка кошничка е пониска од минималната, а разликата во однос на синдикалната сигурно ќе биде повеќе од 10 отсто. Параметрите се земени од Државниот завод за статистика, врз база на шест синџири на маркети на национално ниво, два регионални маркета, зелени пазари од различни региони и Земјоделскиот пазарен информативен систем. Се изработува врз основа на два дела: првиот е храна и безалкохолни пијалаци, а вториот услуги и други потреби за едно просечно четиричлено семејство. Сите овие релевантни податоци даваат реална слика за просечните потреби на едно семејство. Оваа кошничка ги има исклучено акцизните стоки како цигарите, тутунот и алкохолот како луксузни, но и станарината зашто според пописот, во 2021 година 90 отсто од населението не плаќа кирија, информира Ристески во дневникот на ТВ Сител.
Тој потенцира дека просечната потрошувачка кошничка нема да биде конкурент на синдикалната, зашто, секако, синдикатите имааат право да ги бараат своите права.
февруари 11, 2026

